Врие во ДУИ: “И ние сме со Али, но претседателе, не го гори јорганот за една болва”

Потпретседателот на ДУИ и еден од водачите на „огнената група“ Изет Меџити синоќа, од Студеничани му порача на партискиот лидер Али Ахмети дека се со него но и да не го гори јорганот за една болва.

Ние сме со Али Ахмети, но претседателе, не го гори јорганот за една болва – рече Меџити.

„Огнените“ откако пред Нова година на прес конференција повторно го изразија своето незадоволство, бидејќи според нив, нема никакви промени во извршната власт и покрај анализата за сработеното на министрите која покажала дека се реализирани само 2 отсто од проектите и предизборните ветувања на ДУИ, од синоќа во Студеничани стартуваа со средби со базата.

Меџити пред присутните посочи дека перформансите на извршната власт во последните две години се многу слаби во главните области кои се суштински за граѓаните Албанци, почнувајќи од капиталните инвестиции, образованието, патната инфраструктура, екологијата и така натаму.

Владата на РСМ има речиси половина од министрите Албанци, држи 80 отсто од економските ресори, а сепак успева да материјализира само 2 отсто успех во албанските зони. Албански кадар раководи со Дирекцијата за патиштата, додека сите инвестиции се прават во Источна Македонија, а во албанскиот дел се прават само соништа и ветувања. Погледнете го патот за Блаце, Кичево-Охрид или Коридорот 8. Само ветувања. Реков и во Собрание, помалку фотографирање, повеќе работа – рече Меџити.

Според него, министрите на ДУИ не агитирале за гласови, односно немаат поддршка од партиската база, ниту пак се гласни во партиските органи.

Ние ја изгубивме поддршката во Полог, каде што ги загубивме главните општини. Поддршката паѓа и во другите зони, погледнете ја најновата анкета на американска ИРИ. Ситуацијата е алармантна – рече Меџити.

Тој истакна дека го поддржуваат евроатлантскиот правец на Владата, не само со изјави туку и со конкретни акции и побара одговорност од извршната власт.

Пред присутните се обратија и Блерим Беџети, организациониот секретар на ДУИ и градоначалник на општина Сарај, Муса Џафери, претседател на надзорниот Одбор на ДУИ, Невзат Бејта, член на Централното претседателство, пратеникот Кастриот Реџепи. Според нив, министрите на ДУИ потфрлиле во ресорите транспорт и врски, екологијата, спроведувањето на албанскиот јазик, правичната застапеност на Албанците во државната администрација, странските инвестиции. Тие сметаат дека за инвестициите во патната инфраструктура, во населените места каде што живеат Албанци има само ветувања, додека во источниот дел на државата не остана ниту едена улица без да се реконструира.

Муса Џафери констатира дек во Владата се прави место за влез на Алијанса за Албанците, а не се свесни дека ДУИ се дели.

Ние имаме простор Алијанса за Албанците да ја интегрираме во Влада и да ја мобилизираме, но не сме свесни дека нашата партија се дели, се креира јаз меѓу членови на Претседателството, меѓу партиските ограноци, меѓу општините. Јас мислам дека е алармантно време кога ние треба да се освестиме и мобилизираме и да тропаме на вратите на ДУИ за оваа состојба да не продолжи и понатаму, но треба да седнеме и да ги пронајдеме потребните компромиси за да го сочуваме ДУИ – вели Џафери.

Организацискиот секретар на ДУИ и градоначалник на општина Сарај, Блерим Беџети порача дека не се заинтересирани тие да станат дел од Владата, туку бараат да се почитува мерит системот.

Важно е граѓаните, Албанците да одат напред, индивидуалните позиции не се важни. Дозволете да кажам дека ниту еден од нас не е заинтересиран да станеме дел на власта. Ние само бараме да се почитува мерит системот, да се почитува базата на партијата, а не одлучувањето да стане ексклузивност на Артан Груби и неговиот клан – кажа Беџети.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.