Семејството Илиоски од Прилеп се вистински мајстори во својата дејност. Занаетчискиот дух во нивниот дом живее и денес, а вредните раце создаваат вистински ремек дела. Го посетивме нивниот дуќан во старата чаршија во Прилеп и разговаравме колку време го негуваат тишлерскиот занает и што се изработуваат. Дуќанот на прв поглед изгледа како шарена разгледница и привлекува сечие око. Разговаравме со најмладиот член на семејството Кристијан Илиоски и ни ги даде следните одговори :
Kога за прв пат започнавте да се занимавате со изработка на овие ракотворби и кој прв го започна занаетот во вашето семејство?
Многу одамна, од дедо прадедо, тишлерскиот занает сe пренесува во нашата фамилија. Така и ние се стремиме да го негуваме и зачуваме овој занает како еден од ретките кои веќе изумираат со давање душа и дух на секое парче дрво, парче бакар, слика, се добива финален производ кој секогаш ќе го чека својот купувач, дали порано или покасно да го усреќи својот пријател, другар, познаник.
Какви се изработки можат да се најдат во вашата сувенирница, од што подетално се состои вашата работа?
Во нашата сувенирница има доста уникатни производи кои ги нема секаде, како што се изработки од дрво, бакарни икони, слики, грнчарија, производи од кожа, стакло, порцелан, па и предмети кои што останале традиција во прилепскиот регион, кои се ретки и доста автентични.
Што е најбарано?
Најбарани се производите за домашна употреба кои што од колено на колено секое семејство во Прилеп како по традиција треба да ги има, а тоа се: дрвените авани, поскурникот, иконите.
Ве посетуваат ли туристите кои доаѓаат во нашиот град?
Да не посетуваат туристи, групи, индивидуални лица и случајни минувачи.
Дали добро се живее од овој занает, колку Прилепчани имаат навика да купуваат вакви вредни украси и употребливи предмети?
Значи за скромен живот може да се заработи доколку доволно се трудиме. Продажбата не е масовна и не очекуваме такво нешто, затоа што производите, сувенирите што ги продаваме се трајни произведени за да користат долго, со тоа што навиката за купување украси не е секојдневна потреба, туку најчесто за некој повод, годишнина, пензионирајне, слава, и.т.н.
Колку луѓе во вашето семејство се ангажирани при изработката ?
Четворица од нашето семејство се ангажирани за изработка на производите, како и други соработници.
Кои се вашите планови во иднина, дали можеби планирате проширување на бизнисот во и надвор од нашиот град?
За сега не планираме да се прошируваме, можеби во иднина кога би биле помоќни во финансиска смисла и самоуверени дека е вистински момент за проширување .
[Best_Wordpress_Gallery id=”79″ gal_title=”Вредните раце на семејството Илиоски од Прилеп, создаваат ремек дела”]