Вработените во „Еурокомпозит“ незадоволството од директорот ќе го истурат пред влада

Околу 100 вработени во прилепски „Еурокомпозит“ и 154-ица работници прогласени за технолошки вишок денеска пред фабриката го искажаа својот револт кон раководството, зашто се чувствуваат излажани и изманипулирани, особено по последната информација од раководството дека нема пари за плата, ниту за отпремнините.

Според претседателот на синдикатот Роберт Богданоски, трпението го загубиле и се зголемил револтот по последната информација на генералниот директор дека ја откажува исплатата на отпремнините и на платата за вработените.

-Нема ништо од тоа што директорот го вети пред Нова година. Беше ветено, ние вработените да земеме по една плата, а прогласените технолошки вишок да земат дел од отпремнините во висина од 8.000 до 10.000 денари – рече Богданоски.

Тој информира дека на вчерашната средба со раководството, директорот ја откажа исплатата на отпремнината и платата.

– За плата вели да продолжиме да работиме, да се сработи авансот што е земен од МВР и околу 20 јануари да сме земеле некоја плата. Ние не веруваме во тоа. Се јавувавме во владата, но немаме никакви одговори, зашто надлежните биле на годишни одмори. Се собравме и на јавноста и соопштуваме дека в среда, наредната недела планираме да протестираме пред Владата, сите заедно, вработените, технолошкиот вишок, пензионерите. Немаме друг избор – рече Богданоски.

Тој рече дека од септември досега вработените зеле вкупно по 20.000 денаири, во два наврата еднаш 12.000, а другиот пат по 8 000 денари, а за технолошкиот вишок исплатена е една рата од отпремнината по 25.000 денари, иако било ветувано до 30 ноември да земат по 50.000 денари.

Жарко Талески, прогласен за технолошки вишок нагласува дека се чувствуваат излажани и изманипулирани од раководството иако според договорот требаше досега да добијат по 50.000 денари, што е околу половина од отпремнината, а остатокот до крајот на февруари.

– Според договорите заминавме технолошки вишок со платени отпремнини. До 30 ноември требаше да земеме по 50.000 денари, а остатокот до крајот на февруари. Но од раководството се чувствуваме измамени и изманипулирани. Инаку, за инвеститор долго време се споменува дека има заинтересирани, но досега ништо – рече Талески.

Раководството најавува средба за наредниот вторник со вицепремиерот Анѓушев за да се разгледа ситуацијата, а работниците најавуваат в среда, наредната недела , протест пред Владата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.