Во прилепската болница одбележан 17.Ноември – Светскиот ден на предвремено родените деца (Фото галерија)

Во просториите на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп “Борка Талески”, се одбележа Светскиот ден на предвремено родените деца.

Во оваа група спаѓаат сите новороденчиња пред полна 37ма гестациска недела.

Според статистиката, околу 13 милиони бебиња во светот се раѓаат предвреме. За да се намали таа бројка, клучен е пристапот на квалитетна нега во сите здравствени установи.

-Како докторка која секојдневно е сведок на почетокот на нови животи, знам дека секое предвремено родено бебе носи со себе приказна исполнета со борба, надеж и неверојатна сила. Тие бебиња, толку мали и кревки, но големи борци, ни покажуваат што значи да не се откажеш, дури и кога патот започнува потешко од очекуваното. Посебна почит до сите родители кои ја поминуваат оваа патека со треперен поглед, но со огромна љубов и надеж во срцето, како и храброст да се соочат со сите предизвици кои им претстојат. Вие сте столбот на нивните први победи.
Неизмерна благодарност до сите мои колеги, до цел медицински персонал кои со своето знаење, посветеност и човечност го држат светот на овие малечки стабилен и сигурен. Нека овој ден биде потсетник дека секое бебе, без разлика кога ќе пристигне е подарок и благослов од Бог. А ние сите заедно, ќе продолжиме да се бориме за нивниот прв здив, нивниот прв плач и нивните големи соништа и иднината која ги очекува
– напиша на ФБ, Д-р Билјана Кржеска, специјалист гинеколог – акушер, раководител на одделението за гинекологија и акушерство во прилепската болница.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.