Денеска во Прилеп, во спортската сала на ООУ „Добре Јованоски“ се одржа Државното изборно првенство во борење за У-23 и пионери. Организатор на првенството беше прилепскиот клуб „7 Мај Леов“ и Федерацијата на боречки спортови на Македонија. Новиот претседател на ФБСМ, Бетим Вренези, го истакна задоволството што голем број на млади луѓе се вклучени во овој спорт, како и од одличната организација на прилепскиот клуб „7 Мај Леов“ – Прилеп .
Предтседателот на боречкиот клуб „7 Мај Леов“ – Прилеп, Јане Тренчески нагласи дека боречкиот клуб од Прилеп е еден од најуспешните во Македонија, со квалитетен состав и одлични услови за работа, „и токму поради тоа му припадна честа да го организира ова изборно првенство во борење за У-23 кое има селективен карактер за репрезентативниот состав“-рече тој
„Локалната самоуправа од секогаш го поддржува спортот и е насочена кон негов развој, бидејќи преку спортските дисциплини се развиваат младите луѓе кои учат не само за здрав живот, туку стекнуваат и натпреварувачки вештини. Борењето во Прилеп е млад спорт, но доста успешно се развива, благодарение на прилепскиот клуб „7 Мај Леов“ и луѓето ентузијасти кои работат во него. Тој на Прилеп му донесе многу награди од државните и меѓународните натпреварувања, што е гордост на градот и поттик на младите да го сакаат и тренират овој спорт“ – рече градоначалникот, Марјан Ристески.
На Државното изборно првенство во борење учествуваа над 150 борачи во сениорска, У-23 и пионерска категорија од 15 клубови од Македонија. Изборното првенство во борење кое се одржа во Прилеп е од селективен карактер за репрезентативниот состав кој треба да ја претставува Македонија на Европското првенство за У-23.