Во Прилеп презентиран повикот за добивање грантови од Фондот за иновации

_MG_1058

Во Прилеп денеска беше презентиран 4-тиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој. Повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија ( не постари од 6 години ) –„старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани ( 50,1% или повеќе ), кои имаат иновативна идеја со солидно очекување за комерцијализација. Преку овој инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра.

_MG_1055

И другата можност која ја нуди овој Фонд е кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации. Предлог проектите за оваа варијанта може да бидат поднесени од поединечен апликант (микро, мало или средно претпријатие) или од конзорциум воден од микро, мало или средно претпријатие. Преку овој инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 70% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 100.000 евра.

_MG_1068

„Денеска сме тука на покана од Општина Прилеп да одржиме презентација со цел малите, микро и средни претпријатија да бидат подобро информирани за можностите кои ги нудиме за развој на иновации, односно грантовите кои им се достапни. Во моментов имаме отворен повик кој ќе трае до 3 мај. Сите компании кои се заинтересирани можат да аплицираат со некаква иновација. Треба да се запази самата процедура при апликацијата и тие имаат можност да аплицираат за 30.000 евра доколку се „старт ап“ или „спин оф“ компании, односно некоја компанија која има некаква соработка со научно истражувачките институции, а од друга страна имаме на располагање средства и до 100.000 евра по проект за оние компании кои се во понапредна фаза на иновацијата. Ги охрабрувам сите компании да дојдат и да присуствуваат на инфо сесиите кои ги организира Фондот, но и да се обратат директно до нас за да се информираат како полесно може да дојдат до овие средства“, истакна Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

_MG_1048

Вкупниот износ на средства кои им стојат на располагање на компаниите со овој повик изнесуваат 1.450.000 евра, од кои 1 милион евра се наменети за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да развијат комерцијализација и иновација и 450.000 биле наменети за уште 15 „старт ап“ претпријатија. Досега Фондот имал доделено 1.500.000 евра, со кои биле поддржани 37 компании.

„Пример таква компанија е „Металотехника“ од Охрид која разви иновација во градежништвото за хидроизолација. Друг пример е компанијата „Био инженеринг“ од Скопје која има партнерство со болницата „Филип Втори“ и нудат една нова иновативна метода во здравството за генетски истражувања и испитувања. Тука е исто така и иновацијата за рециклирање на стаклен отпад од „Акрон“. Има доста интересни проекти за кои се надеваме дека сите граѓани ќе имаат бенефит од нив“, додаде Поповска.

_MG_1045

Од локалната самоуправа на Прилеп, кои денеска беа домаќини на оваа презентација на Фондот за иновации и технолошки развој, истакнаа дека ваквите програми, мерки и фондови од Владата многу помагаат за развојот на економијата во градот и намалувањето на невработеноста.

„Се надевам дека ќе има доста заинтересирани компании, микро, мали и средни претпријатија кои ќе имаат можност да го искористат овој Фонд за разни иновативни програми и технолошки развој. Тоа значи многу за развојот на самите компании пред се за подобрување на ефикасноста, технологијата, стручната подготвеност на вработените и секако отворање на нови работни места. Соработката со Владата, не само со Фондот за иновации, туку и со АВРМ, вроди со плод бидејќи во Прилеп се отворија голем број на работни места и компании и се намали невработеноста. Во тој контекст продолжуваме и понатаму во соработка со бизнис секторот од нашиот град и Владата преку соодветните Агенции да се поттикне развојот на економијата, а преку развојот на бизнис секторот се отвораат и нови работни места, освојување на нови пазари и подобрување на квалитетот на самите производи“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Фондот за иновации и технолошки развој постои од 2013 година.

_MG_1080




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.