Делегации предводени од градоначалникот и претседателката на Советот на општина Прилеп, семејството и припадниците на безбедносните сили, вчера на 9. мај, положија свежо цвеќе пред споменикот на Ненад Серафимоски пред Основниот суд во Прилеп, припадник на елитната единица „Тигри“, кој го положи својот живот за татковината во трагичните настани во Диво Насеље во 2015 година.
-Заедно со семејствата, соборците, претставници на политички партии и наши сограѓани, оддадовме почит за хероите кои загинаа храбро бранејќи ја Република Македонија. Нивната жртва е втемелена во нашата историја и претставува опомена дека слободата и безбедноста се стекнати со највисока цена — човечките животи. Нека е вечна славата на паднатите херои! Нивната храброст никогаш нема да биде заборавена – напиша градоначалникот Јовчески.