Прилепските основни училишта ООУ „Рампо Левката“ и ООУ „Добре Јованоски“, денеска ја одбележаа 80 годишнината од загинувањето на своите патрони, народните херои Рампо Левката и Добре Јованоски кои што биле стрелани од бугарскиот фашистички окупатор на 19 септември 1942 година, кај месноста Дабница.
По повод патроните празници на двете основни училишта делегација од Општина Прилеп предводена од градоначалникот Борче Јовчески, како и делегации од основните училишта, положија свежи цвеќина пред бистата на Рампо Левката на Могилата на непобедените и пред бистата на Добре Јованоски во истоименото училиштето.
Во чест на своите патрони учениците од двете основни училишта подготвија пригодна културна програма, која беше презентирана пред присутните гости.
Градоначалникот Јовчески пред присутните истакна:
„ Како градоначалник на Општина Прилеп и во името на Локалната самоуправа, сакам да ви го честитам патрониот празник на вашето училиште. На целокупниот колектив на училиштето и на учениците, ви посакувам многу успех во работата и во учењето, да имате успешна учебна година, многу здравје пред се и да ве следи многу среќа.
Сакам да изразам поддршка до раководството на училиштето за се она што го спроведија во текот на изминатата учебна година како и за летниот распуст, се со цел сите вие тука да имате подобри услови за работа и за учење и во иднина заедно да продолжиме да го унапредуваме воспитно образовниот процес и условите во установата во која што поминувате голем дел од денот.
Ве уверувам дека поддршката од Локалната самоуправа ќе продолжи и понатаму. Денес оддаваме почит по повод 80 години од загинувањето на патронот на вашето училиште, нашиот прилепчанец и народен херој Добре Јованоски. Учесник во Народно ослободителната војна кој што за жал бил мачен и убиен од страна на бугарскиот фашистички окупатор заедно со уште осумнаесетмина прилепчани кај селото Дабница на 19 септември 1942 година.
Жртвата која шта ја дале за слободата на Република Македонија сите наши народни херои мораме да ја почитуваме, да ја празнуваме и да ја одбележуваме, за да се потсетуваме секогаш дека Македонија е наш аманет и мораме сите да се грижиме за нашата татковина, да ја чуваме и безусловно да ја сакаме. Уште еднаш почитувани присутни, нека ви е честит и вековит патрониот празник.“
Делегација од Општината и Советот на Општината, претставници од Сојузот на борци, и од останатите основни училишта, денеска исто така го посетија и положија цвеќе на споменикот кај Дабница, подигнат во чест на осумнаесетмината жители кои што биле стрелани од фашистичкиот окупатор на 19 септември 1942 година, поради помагање на партизанските одреди. Дабничкиот масакр претставува еден од најужасните убиства извршени врз невиното македонско население од страна на фашистичкиот откупатор.