Во потрага по македонската реч, традиција и културa: Наставници од Прилеп на оригинален начин им го пренесуваат знаењето на учениците (Фото)

Сакајќи да остане запаметен меѓу младите генерации, со ученици од ООУ„Блаже Конески“ – Прилеп, вљубеници во добра книга, ние наставниците Горјан Василевски, Вера Искова, Виолета Христоска и Елена Ѓорѓиовска, организиравме т.н. настава во природа и посета на родната куќа и вечното почивалиште на Петре М. Андреевски на ден 27 Мај лето Господово 2022-ро.

Кога се помислува на поезија, на уметност од зборови, на љубов во нејзината најсилна форма, тогаш се помислува на вечниот и незаменлив Петре М. Андреевски, роден во с.Слоештица, Демирхисарско.

Оној кој знае да продре во сечие срце со остар нож премачкан со мелем, оној кој знае да ви ја погали душата со шлаканица, оној кој знае и невозможното заради љубовта кон Дениција да го направи возможно. Оној кој никогаш нема да можете да го избришете од книжевната историја ниту да го претворите во прашинка и да го избришете од полиците од библиотеките.

Секој негов збор, секоја мисла, секој стих е како пиреј и пак ќе никне, оти е врежан во нашето битие и е гордост која не смее да се заборави никогаш. Неговите стихови беа рецитирани на вечното почивалиште, но исто така се начна и историскиот и антрополошкиот момент во романот „Пиреј“.

Исто така ја посетивме и прочуената приватна библиотека АЛ-БИ сместена во недопрената природа во с. Бабино, основана во 1882 година, која содржи импозантени 20 000 наслови, број достоен за почит, кога се има предвид дека станува збор за приватна библиотека. Оваа библиотека е носител и на наградата „Крсте Петков Мисирков“.

Нотесите се полнеа со податоци за создавање на репортажа и патепис, а можеби, поттикнати од настанот и сознанијата што патем ги добија, во учениците успеавме да го посееме семето на творештвото, па од нашите ученици ќе произлезат идни поети, писатели, новинари, библиотекари …, во секој случај сигурни сме дека придонесовме во негувањето на нивната љубов кон македонската реч, традиција и култура.

Овој инспиративниот простор го искористивме за реализирање на творечка работилница. Колку што се впечатливи природата со Бабинска река и камената двокатница – татковина на книгата, патем многу оригинално, секој посетител добива и пасош за влез во татковината на книгата, исто толку впечатлив е сопственикот на оваа библиотека, почитуваниот Стево Степановски.

Од заедничката дружба се родија идеи за идна плодна соработка благодарение на љубезниот домаќин. Ја користиме оваа прилика да се заблагодариме на Стево Степановски за неговиот љубезен пречек.

Подготвила: Вера Искова




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.