Во понеделник стартуваат подготовките за Победашите

Stolb_vo_odbranata_-_Valentin_Kolevski

Бргу поминува летниот одмор за фудбалерите на Победа. Уште само четири дена и в понеделник (10 ч.) е првиот собир. Навивачите со нетрпение го очекуваат стартот на подготовките за да ги видат новите играчи. Ќе има повеќе засилувања на екипата која го освои првото место во второлигашката конкуренција. Прв пристапи стоперот Дарко Илиески од Металург. Има најава уште за некој повратник во градов.  На клубот му се нудат фудбалери и менаџери. Претстои избор на најповолните, за местата на кои се најпотребни.

Од досегашните првотимци, се прават напори да се задржи “костурот”. Засега нема најави за заминување. Договори се потпишани со безмалку цела постава. Покрај новиот Илиески, потпис за верност кон клубот неделава ставиле: голманот Даниел Котевски, стоперите Александар Крстески и Валентин Колевски и бекот Даниел Котески. Претходно потпиша првата група од четворица: за врска Столе Дунимаглоски, Христијан Петрески и Јорданчо Наумоски, како и шпицот Николче Шаркоски. Како готова работа за потпис се смета со бекот Денис Димитриоски. Се очекува да стават параф и останатите фудбалери.

Ќе се почека за ждрепката и распоредот за новото првенство, поради процедурите. Предлогот за старт на прволигашката сезона на 7 август треба да биде изгласан на УО на ФФМ. Потоа ќе има ждрепка за Првата лига. Според новиот систем, ќе се играат четири круга по девет кола или вкупно 36, а нема да има плеј – оф и плеј – аут. Од лигата директно ќе отпаднат деветтиот и десеттиот тим, а осмиот ќе игра бараж за опстанок.

Домаќини во Битола?

Има најава дека наскоро ќе се реновира градскиот стадион “Гоце Делчев”. Оттука и прашањето: Каде ќе игра Победа во улога на домаќин? Ако има услови првите есенски кола, можеби ќе ги игра на прилепскиот терен, а потоа е преселбата. Се споменува стадионот “Тумбе Кафе” во Битола. За тренинзи останува теренот на Могила или кај некогашната Зоолошка.

Извор: НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.