Приоритетите и незавидната финансиска состојба на општинската каса го пролонгираа новогодишното украсување на Прилеп.
На десет дена пред Новата година, центарот на Прилеп се уште го нема вообичаененото новогодишно руво. Прилепчани со бурни реакции на социјалните мрежи. Некои сметаат дека среде сериозна енергетска криза и во вакви економски услови во какви ни се наоѓа државата, а особено кога општината е со „дупка“ во Буџетот од околу 5 милиони евра, тоа се непотребни луксузирања, а додека други пак, се на став дека тоа може да се реши со украсите од претходните години.
„Нема да помине Нова година без да биде украсено? Зошто залудно да се трошат народни пари?!
„А првин, прашавте колкава е дупката во општинскиот буџет.. таму мислам дека нема пари ни за прскалици да се купат…Во овој момент на македонскиот народ не му е дојдено до украсување…“
„Не мора нови, истите од лани што се години наназад. Тие веќе еднаш секако се купени со наши пари…Кај се?“
„Гревота се децата, им ја скратија радоста..Ајде, пуштете среќа…“
„Вас ви дошло до украсување..???!! Луѓето, најмилите од Корона ги изгубија, не е време за веселби и слично….“ – се само дел од коментарите на прилепчани на социјалните мрежи.
Од Општината пак, велат дека новогодишното украсување е само пролонгирано, но не и отфрлено, од причини што веднаш по промената на локалната власт, повеќе внимание било посветено на други поприоритетни обврски кои директно ги засегаат прилепчани. Но, дека и новогодишното украсување секако било високо на агендата.
„Веќе од утре започнува да се украсува центарот на Прилеп…Ќе биде со истите новогодишни украси од минатата година…Приоритетите и моменталната ситуација во можеби примо-предавање на ЛС и приоритетите кои што беа во моментот затекната ситуацијата од ЛС каде што требаше можеби да се реагира навреме за некои работи за општо добро на граѓаните на Прилеп…и административни работи, кои за жал, ете два-три дена сме задоцнети, но во секој случај тоа беше предвидено …“, – ни изјави за Алфа, портпаролот на ЛС Прилеп, Влатко Петкоски.
Инаку, новите надлежни општински служби, непосредно по преземањето на власта, излегоа со официјален став дека општина Прилеп, по разни основи има долг од околу 5 милиони евра, сума која може сериозно да наштети на ефикасното реализирање на ветените проекти од предизборието.
Каролина Дурло