Во Ликовната галерија од НУЦК „Марко Цепенков“ отворена е изложба на слики и цртежи од Среќко Здравковиќ од Србија, со која одбележува 50 години творештво. Уметникот е годинашен учесник на меѓународната ликовна колонија Дрен 2024, што ја реализира ЦК „Марко Цепенков“.
Изложбата ја отвори м-р Каролина Мицевска која потенцираше дека Среќко е препознатлив, со автентичен уметнички ракопис, дека неговите дела се преполни со фигурација, со симболи и дека е зрел автор во уметничкото изразување.
Авторот Здравковиќ посочи дека е среќен што со оваа изложба и уште неколку други низ Србија одбележува 50 години уметничко творештво.
СРЕЌКО ЗДРАВКОВИЌ, дипломиран сликар, професор има околу 70 самостојни изложби, околу 500 групни изложби, а учествувал и на голем број ликовни колонии. Добитник е на бројни награди и признанија за исклучителен придонес во културата во Србија. Покрај со уметничката работа, се занимава и со графички дизајн и педагошка дејност. Графички уредувал 150 книги, плакати, брошури, каталози, дизајнирал 100 меморандуми-заштитни знаци. Има извајано десетина портрети во бронза, реализирани неколку мозаици на цркви и насликани околу 50 икони и насликани цркви („ал-секо“ фрески).