Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ отворена е изложбата „Позадини“ од Бојана Артиновска Трпческа. (6.8 до 19.8.2021)
Посетителите имаа можност да присуствуваат на извонреден уметнички перформанс, односно да се фотографираат со нејизните дела, а кои фотографии понатаму ќе бидат преточени во ново уметничко дело. До крајот на изложбата, во наредните две недели секој посетител ќе може да се фотографира покрај нејзините дела, за кои Викторија Димеска, историчар на уметност ќе забележи дека уметницата екпериментирајќи со разни сликарски техники и технологија, осознава дека уметничкото и естетското доживување на боите во една сликарска композиција предизвикува илјадници доживувања.
– Љубовта и поврзаноста со портретот како постојан и чест мотив во нејзиниот творечки опус ја охрабруваат да истражува и во полето на фотографијата, користејќи ги подоцна истите фотографии како предлошка за сликани дела или цртеж – вели Димеска.
Уметницата Бојана Артиновска Трпческа вели дека додека ги набљудувала сликите, согледала дека тие преставуваат автономни композиции и идејата за создавање на перформанс (изложба) дошла сама по себе.
-Сакам случајните или намерните минувачи да станат интерактивни учесници и дел од интенцијално дизајниран простор, со цел за момент да се соединат со позадината и да се соочат со себе си, имајќи го на ум сознанието дека ќе бидат фотографирани. Замислата е секој да ја пронајде позадината со која што најмногу се идентификува, односно елементот и просторната димензија со која што се соживува Делата ќе значат продолжување на животот на енергијата која што ја вложувам во нив. Вибрациите ќе продолжат да треперат во секое ново среќавање со делата, со секое ново застанување на разни модели пред платното. Идејта е набљудувачот да постане свесен за сопственото делување и влијание во просторот и времето – вели трпческа.
Отворањето на изложбата беше збогатено со настапите на виолинистката Софија Никоска и солистот Ана Митоска и на актерот Игор Трпчески.