Во ликовната галерија на НУЦК”Марко Цепенков” во Прилеп, синоќа, 27.09.2024, беше отворена изложбата на слики “Видување” од Анита Јовеска Сот.
Уметницата на отворањето посочи дека верува во позитивната енергија, мисла и видување на секојдневието од еден друг агол, агол исполнет со боја и шаренило.
-Таа мисла ме инспирира и движи понатаму, каде низ спектарот на бои и елементи ги прикажувам различностите во изразите на лицата, сите нивни емоции, со што на некој начин го отсликувам сопствениот автопортрет или трансмисија на своите чувства низ времето и процесот на работа – рече Анита Јовеска Сот.
Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека восхитувачките портрети на Јовеска одразуваат исклучителен визуелен ансамбл извезен со лиричен сликарски сензибилитет и облагороден со личните индивидуални чувства на авторката.
-Во раскошните експресивни композиции уметницата умешно ја обликува формата со примената на силни колоритни топло – студени и комлементарни контрасти за одразување на моќна чувствена изразност и драматичност, со употреба на контраст на линиите за создавање на динамична вибрантна ликовна содржина.Јовеска во сопствените лирични, автентични и драматични креации го создава единството во композицијата по пат на доминанта, поставувајќи акцент на емотивната експресија на портретот -рече Димеска.
Отворањето на изложбата, на кое присуствуваа голем број љубители на уметноста, беше збогатено со настапот на музичарите Андријана Дукоска и Борче Миленкоски.