Во сабота, 13.09., на платото пред Градскиот Саат во Прилеп, ќе се одржи седмото издание на Фестивалот “Mлеко”. Oва е четврти пат на фестивалот во Прилеп, а прилепчани и гостите во градот под Марковите Кули, ќе имаат можност да си купат и да дегустираат голем број органски производи, произведени од вредните раце на македонските земјоделци и производители.
Во пресрет на фестивалот ви презентираме дел од учесниците, чии производи ќе бидат изложени и понудени на штандовите во центарот на Прилеп.
Од живописното битолско село Трново, под падините на Пелистер, ни доаѓаат производите од “МАНДРА ПЕЛИСТЕРСКИ ОВЧИ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ”. Овие вкусни млечни производи се плод од макотрпната работа со околу 300 овци, чие млеко е основата на врвните производи на мандрата Пелистерски овчи производи.
Тука традицијата се спојува со модерните знаења, кои се стекнати во Грција и Италија – земји познати по своите сирења. Во мандрата се произведуваат четири вида сирење: бело, биено, кашкавал и пекорино. Секој вид има свој „тертип“ – прецизен процес на зреење и нега. На пример, пекориното зрее цели 8 месеци, потоа се вакумира и продолжува да зрее уште 4 месеци за да добие длабок, богат вкус. Кашкавалот пак, зрее 3 месеци пред да биде подготвен за консумација.
ВИДЕО ПРОДУКЦИЈА: “РАДИО ПЕЛА”