Зоолошка градина Битола информира дека почина Берта, нилскиот коњ кој повеќе од една деценија беше еден од најпрепознатливите и најпосетувани жители на оваа установа.
Берта зад себе остави долг животен век и богата историја. Пред да биде донесена во ЗОО Битола, речиси 40 години престојувала во зоолошките градини во Скопје, Белград и Виена, од каде што и потекнува. Во текот на својот живот има оставено потомство кое денес се наоѓа во зоолошките градини во Виена, Белград и Скопје.
И покрај длабоката старост, Берта до последните денови била во солидна здравствена состојба. Според информациите од ЗОО Битола, таа била под постојана ветеринарна нега и терапија, но природниот крај, карактеристичен за овој животински вид на оваа возраст, бил неизбежен.
Од Зоолошка градина Битола информираат дека веќе се преземаат активности современото живеалиште на нилскиот коњ да стане дом на нов жител, кој ќе биде нова атракција и радост за посетителите.
Берта ќе остане запаметена како еден од најдолговечните и најомилени жители на ЗОО Битола.

























