Во саботата во приватната гинеколошко-акушерска болница „Плодност“ во Битола, се породи првото бебе во вода, метода која за прв пат се применува во било која болница во Македонија – информираат од болницата.
Мајката е од Битола, ова е нејзино прво дете и во саботата, околу 23 часот, на свет донесе женско дете. Двете се во одлична состојба, а мајката е пресреќна што на овој начин и беше овозможено породувањето во Болница „Плодност“.
Ова е огромен успех за тимот на Болница „Плодност“, кој после бројните обуки надвор од државата, имаше можност оваа метода да ја примени за прв пат и во Македонија.
Породувањето за мајката и за новороденчето со оваа метода носи голем број предности: топлината на водат го опушта телото, што за мајката значи намалување на родилните болки, кои траат пократко и се поефективни, со што се намалува потребата од обезболување.
Кадата во која се одвива породувањето е специјално изработена од материјал и форма дизајнирана за породување и во таков облик кој и дава комфор на родилката и на акушерките за взаемна работа.
Породувањето во вода важи за алтернативен метод, кој е често применлив во клиниките во светот. Болница „Плодност“,следејќи ги светските трендови од областа на технологијата и едукацијата , целосно се подготви за примена и на овој вид алтернативно породување, преку стручната наобразба на својот персонал и техничките можности и капацитети.