Во 2019-та година македонските граѓани ќе имаат седум продолжени викенди. Од вкупно 11 неработни денови за сите граѓани, седум се поврзуваат со викендот, за разлика од годинава, која имаше четири продолжени празнични викенди.
Првиот продолжен викенд в година ќе биде за Божик, зашто неработен ден е 7 јануари, понеделник. Слична е ситуацијата и со христијанскиот празник Велигден, кој в година како неработен е на 29 април, понеделник. Неработниот ден за 24 Мај – „Св. Кирил и Методиј“, Ден на сесловенските просветители, е в петок, така што граѓаните ќе одмораат уште еден продолжен викенд. Продолжен викенд има и за Денот на Републиката – 2 Август, кој е в петок, како и за Денот на независноста – 8 Септември, кој е в недела, но неработниот ден се префрла за 9 септември.
Денот на народното востание – 11 Октомври е уште еден неработен ден што се врзува со викенд, бидејќи е в петок, додека 8 Декември – „Св. Климент Охридски” е в недела, а неработниот ден се префрла за понеделник, 9 декември.
За сите граѓани неработни денови се и 1 јануари (вторник), 1 Мај – Денот на трудот (среда), 4 Јуни (вторник) – Рамазан бајрам, и 23 Октомври (среда) – Ден на македонската револуционерна борба и 8 Декември.
Граѓаните од православна вероисповед најмногу ќе одмораат за големиот христијански празник Велигден, бидејќи за нив, освен понеделник, 29 април, неработен ќе биде и петок, 26 април. Продолжен викенд ќе имаат и за Духовден, петок, пред Духовден на 14 јуни.
Неработни денови за православните верници се и Бадник на 6 јануари, недела, 19 јануари (сабота) и Успение на Пресвета Богородица, 28 август, среда.
За граѓаните од католичка вероисповед неработни се и 22 април (понеделник) – Велигден, вториот ден на Велигден, 1 ноември – петок – Празникот на сите светци, како и 25 декември (среда) – првиот ден на Божик.
За граѓаните од муслиманска вероисповед неработен е и 11 август (недела) – Курбан бајрам.
Со одлука на Владата за неработен ден за јавната администрација е и 2 јануари.