Прес-конференција на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп
(Во продолжение интегрален текст и видео од одржана прес-конференција)
“Од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во советот на Општина Прилеп на последната седница беше предложено, Општината да направи сериозна анализа и да пристапи кон субвенционирање на трошоците за работа на пречистителната станица комплетно или делумно, а не целиот трошок да падне на товар на прилепчани.
Напоменуваме дека овој проект од наше време, е од огромно значење за Прилеп и околината, чиј бенефит ќе го почувствуваат сите семејства, но водејќи се од предизборното ветување на градоначалникот Јованоски, кој ветуваше 20% пониски сметки за вода, сметаме дека Општината може и треба да помогне околу новите давачки.
Граѓаните очекуваа пониски сметки за вода, а не некои дополнителни 200 до 300 денари во просек, нови давачки. Успешното функционирање на Пречистителната станица не смее да се доведе во прашање, но локалната самоуправа предводена од СДС, треба да изнајде најдобар начин, кој ќе биде прифатлив за сите жители на Општина Прилеп. Исто така повторно прашуваме, која е потребата во овој момент од едно ново Претпријатие за енергетика?
И самите имате кажано дека гасификацијата во Прилеп би се реализирала за некои 6 години сметано од сега. Па токму поради тоа ставањето во функција на претпријатие од ваков тип, не е ништо друго освен исфорсирано отворање на нови работни места за вдомување на партиски кадри за кои ќе треба да се издвојуваат плати од џебот на прилепчани.
Дури и самиот именуван в.д директор Игор Спиркоски, на седница на Совет соопшти дека е во роднинска врска со градоначалникот Илија Јованоски. Па поради тоа во вода паѓаат демантите со кои сакате да го оцрните ВМРО-ДПМНЕ дека ширело шпекулации и невистини.
Единствената вистина која граѓаните ја гледаат е тоа дека локалната самоуправа освен непотизам, лажни ветувања, и партиски вработувања, нема што друго да му понуди на обичниот граѓанин.
Затоа ова погубно владеење мора што поскоро да заврши! Затоа што граѓаните, сите, без никаква поделба, заслужуваат подобро!”