ВМРО-ДПМНЕ денеска во Прилеп! Маршот започнува во 13 часот!

Продолжуваат протестните маршови на опозицијата. Денеска со почеток од 13 часот, од пред театарот “Војдан Чернодрински”, ќе се одржи нов протестен марш, против како што велат “Црнилата на оваа Влада”.

СДСМ ја зацрни државата. Не поминува месец без вооружена престрелка на улиците на Скопје. На фреквентни локации вооружени банди се пресметуваат, инцидентите завршуваат најчесто со жртви, а жртва може да биде секој еден граѓанин – случаен минувач, ова денеска преку соопштение до јавноста го потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Оливер Спасовски не презема ништо во насока на одржување на јавниот ред и мир. Откако тој управува со МВР има десетици нерасчистени убиства, а убијците се шетаат слободно. Се пука по улиците, а истовремено неказнето завршуваат стотици грабежи и опожарувања на автомобили. Наместо решавање на вистинските проблеми Спасовски се фокусираше на делење сомнителни милионски бизниси, лиценци за центрите за возачки испити на фирми формирани неколку дена пред да се распише огласот и целосна партизација на МВР. Граѓаните сакаат ред и поредок, сакаат безбедност за нив и за нивните деца, родители, браќа и сестри и комшии, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека наместо тоа добија насилтво, тепање и политички прогон. Криминалот на луѓето од власта останува нечепнат, криминалци се пуштаат на слобода додека патриоти се затвораат. Незаконски се вршат претреси по домовите и се малтретираат луѓе кои протестираат.

-Оливер Спасовски е најнеспособниот министер за внатрешни работи. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка поради неговото црно владеење со министерството, прогонот, неказнетиот криминал и растечката корупција! ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите незадоволни граѓани кои се против оваа однародена власт да се приклучат на протестниот марш денес во Прилеп со почеток 13 часот, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.