ВМРО-ДПМНЕ денес предложи низа мерки кои треба да се спроведат во образованието за подобро справување со новонастанатата ситуација. Од партијата наведуваат дека не смее цела генерација да ја повтори годината само поради тоа што никој во Владата не седнал да размисли за начинот и методологијата за заокружување на учебната година.
Во продолжение ви ги пренесуваме сет мерките на ВМРО-ДПМНЕ:
“„Предлагаме одлука со која полагањето на државна матура во сите средни училишта во Република Македонија за оваа учебна година ќе биде укинато. Полагање на матура може да биде организирано само за оние ученици кои имаат потреба од тоа, но таа да се полага во септември.
Школската година да заврши на 10 јуни.
Учениците да се оценат со средна оцена изведена од успехот на учениците во претходното полугодие, условено со завршени домашни задачи во периодот на вонредната состојба.
Укинување на законските ограничувања за просечен успех кои се бараат за упис на повисока година во некои средни стручни училишта.
Контролирано одвивање на учење и домашни задачи во домашни услови, да бидат ефектни и суштински без непотребно оптоварување на учениците.
Да се интензивираат телевизиските програми со образовни содржини на сите јазици, и да бидат систематизирани по одделенија и предметни програми.
Воведување на летен семестар за учениците со посебни потреби, кој ќе се одвива во соодветни услови за совладување на знаењата.
Да се организираат обуки за изведување и следење на онлајн настава наменети за сите оние наставници и родители кои имаат потреба од ваков вид помош.
Да се мапираат ученици од социјално ранливи категории кои имаат потреба од обезбедување на опрема за следење на онлајн настава и истата итно да се набави;
Високообразовните институции да размислат целокупниот процес на упис на нови студенти да го организираат по електронски пат“, изјави Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.