Легендарниот гитарист Влатко Стефановски за српски “Спутник” открива што е во неговиот живот “леб и сол”, како денешна Македонија се оддалечи од онаа земја која сите ширум Балканот ја обожаваа низ музиката и песната, но и колку уметноста има влијание на политичките случувања во денешниот свет.
Новинарката на “Спутник” го праша Влатко дали песната “Македонско девојче” денеска ќе се пее како “Северно македонско девојче”, на што тој одговори:
“Тоа не знам навистина да ви кажам. Процесот сеуште не е завршен, ќе видиме како ќе се заврши. Нема да има “Северно девојче” сигурно. Песната ќе остане песна и така да не знам што да ви кажам на таа тема. Прилично сме блокирани од сите страни. Се надеваме дека ќе ги пробиеме сите тие блокади и дека ќе тргнеме кон некој подобар живот”, истакна Стефановски.
Прашан „Како денешна Македонија се оддалечи од онаа Македонија што ја обожававме низ песната и музиката, а ја обожаваме и ден-денес“, великанот на гитарата одговори:
„Па, не мислам дека се оддалечила. Таа е таму каде што беше. Но, знаете како е: мала земја, нова демократија, учиме некои нови чекори, учиме некои нови техники на преживување и на некој пат сме, кој е многу трнлив и тежок. И ќе видиме каде ќе стигнеме. Како и сите балкански нации и сите млади држави, сите се борат со некои демони. Се надевам дека ќе се избориме на крајот“.