Владиката Петар чиноначалствуваше со вечерна празнична богослужба во црквата Св. Преображение во Прилеп – Храмот блескаше од убавина! (Фото галерија)

Денеска е Преображение Господово, еден од осумте големи празници, кога и планината и водата почнуваат да се преобразуваат во зори, најавувајќи ја претстојната есен.

Овој празник е востановен во спомен на собитието на Тавор, кое се случило четириесет дена пред Христовата смрт и распетие. Кога Господ забележал дека апостолите не можат да ги разберат претстојните Негови страдања и дека во срцата се исполнуваат со тага, за да не ослабнат во својата вера, ревност и љубов кон Него ги извел на Таворската гора, и им се покажал во Својата ненадминлива и несоздадена слава.

Ако, како што веќе спомнавме, овој празник се случил непосредно пред страдањата Христови, односно пред точно четириесет дена, тогаш би требало тој да се празнува некаде во месец март, според празнувањето на Воскресението. Но, тоа време се совпаѓа со периодот на Светата Четириесетница и бидејќи не би можело да се торжествува во периодот на Великиот Пост, затоа овој празник е пренесен на 6/19 август. Датумот не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред празникот „Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст“ (14/27 септември), кој наликува на Велики Петок. Празникот Преображение, започнал да се слави во источниот дел на Византиската Империја во периодот помеѓу VI – VIII век. Веќе во VIII век тој е раширен низ сиот христијански Исток, а додека на Запад, иако почнал да се празнува малку порано, својот конечен облик го добил дури во XV век.

Во пресрет на празникот, синоќа во храмот Св. Преображение во Прилеп, со Празнична Архиерејска Вечерна Богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство г. Петар – Митрополит Преспанско – пелагониски и Администратор Австралиско – новозеландски.

Храмот го посетија голем број верници кои ја примија светата причесна. Нека е за многу години и напомош!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.