Владата ќе прогласи енepгетcка кpизна cocтојба во август

Владата во август повторно ќе прогласи енергетска кризна состојба – потврди министерот за економија Крешник Бектеши. Ова ќе се направи за државните електрани да можат со 100-те милиони евра од ЕБОР за купат струја, мазут и јаглен и да ги задоволат потребите на граѓаните. Планот е сите 3 блока во РЕК Битола да бидат во функција од октомври, да работат и Осломеј и ТЕЦ Неготино и да има доволно гас и мазут за топланите, особено бидејќи ЕСМ најверојатно ќе го преземе парно греењето во Скопје. Бектеши алармира дека зимата ќе биде претешка, а цените на енергенсите непредвидливи. Се разгледувала и опцијата за рестрикции за струја за администрацијата. До тоа сепак, не би требало да дојде, освен ако некоја соседна земја не го забрани извозот на струја. За опасноста рускиот гас да секне и за Македонија, рече дека земјава во никој случај нема да плаќа во рубљи, а со писмо до Бугарија се правеле напори да се убеди Газпром да ги ослободи цевководите и за гас од други држави.

– Правиме напори да обезбедиме природен гас од друг извор, освен од Газпром, но тоа зависи од ослободувањето на капацитетите во Бугарија и договорот што го има Булгартрансгас со Газпром за закупување на сите капацитети до 2030 година. Ако тие капацитети се ослободат од страна на Булгартрансгас ние сме подготвени да се снабдуваме со природен гас од други извори, вклучувајќи ги Азербејџан, но и енерџи терминалите, било тоа во Грција, било тоа во Турција, рече Бектеши.

– Само 4.500 компании се на слободниот пазар од кои повеќето имаат договори за набавка на електрична енергија со пониски цени од пазарната. Сепак ќе се сретнам со Стопанската комора за да видиме што може да се направи за да им помогнеме, рече Бектеши.

Првиот човек на Стопанската комора алармираше дека бизнисите се пред колапс и дека поради превисоката цена на струјата многу компании се пред затворање. Веќе имало најави дека некои од нив ќе почнат да го намалуваат производството, а во краен случај, ако државата не помогне, ќе стават клуч на врата и ќе ги отпуштат вработените. Велат на компаниите во другите земји им е полесно бидејќи имаат каква-таква субвенционирана цена на струјата и тоа од домашно производство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.