Владата ги замрзна и намали цените на пелените, влажните марамици, хигиенските влошки, тоалетната…

Владата денеска на седница донесе Одлука за определување највисоки цени за тоалетна хартија, влажни марамчиња, пелени за деца и возрасни и хигиенски влошки. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 20 март 2023 година во трговијата на мало, коишто цени, според одлуката, се намалуваат за 13 проценти.

Највисоките цени на производите од оваа одлука ќе се применуваат до 31 мај годинава, а одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Според членот 29 став 1 алинеја 3 од Законот за трговија, според образложението од предлагачот, Министерството за економија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата во случај нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки, а согласно наведеното, врз основа на членот 30 став 1 алинеја 2 од Законот за трговија, Владата може да ги определи највисоките цени за одделни производи и услуги во производството и прометот, информира владината прес-служба.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред почетокот на седницата изјави дека одлуката се носи согласно со анализите направени од Секторот за трговија и увозните цени од Царинската управа, изјави Бектеши пред Владата.
– Цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 343,3 денари, а во периодот од 1 до 24 март годинава од 94,8 до 205 денари. На оваа цена кога ќе се пресмета и ДДВ излегува дека се движела од 111,8 до 241,9 денари. Од овие производи повеќето од 85 отсто се увезени во нашата држава. Кај влажните марамчиња цената во просек се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 денари во февруари и 83,2 денари во март. Кај нив има и царинска стапка од 6 отсто и не е вклучено ДДВ-то во цената. Кај пелените за деца и возрасни цената се движела од 36 денари по парче до 1.600 денари по кутија. Во цената не е вградено ДДВ-то. Кај хигиенски влошки цената се движела од 27,9 денари до 63,56 денари по парче, во што не е вклучена царината од 6 отсто, изјави Бектеши.

Тој рече дека Одлуката за цената за хигиенските влошки се носи пред се, бидејќи Законот за намалување на ДДВ на овие производи се уште не е усвоен во Собранието.

-За жал во собраниска процедура од декември минатата година имаме законско решение за системски и долгорочно да се решат овие производи во делот на намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5 отсто. Сепак и до денеска не е свикана Комисијата за финансирање и буџет за да се усвои тоа законско решение, рече Бектеши и го повика претседателот на Комисијата што поскоро да свика седница.

Владата, потнцираше министерот, е подготвена да се откаже од ДДВ-то за хигиенските производи.

– Законот за ДДВ има посебна одредба со која во време на криза Владата има можност дополнително да го намали ДДВ-то за 5 отсто во комуникација со стопанските комори и со Организацијата на потрошувачите. Ние сме за да се усвои законското решение и системски да се реши проблематиката во делот на намалувањето на ДДВ-то. Подготвени сме и за намалување на царинските давачки особено за основните прехранбени производи и хигиенските производи кои секојдневно се користат од нашите граѓани, рече Бектеши.

Најави дека Владата ќе носи одлуки за замрзнување на цените се додека има потреба.

– Овие одлуки важат до 31 мај, но може и да се продолжат, сепак најдобро решение е да се усвои предлогот во делот на Законот за ДДВ од страна на Собранието. Така ќе имаме и системско и долгорочно решение во делот на основните прехранбени производи и хигиенските производи, потенцира Бектеши.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.