Витаминка АД Прилеп уште еднаш го потврди својот статус како еден од најпочитуваните и најпосакуваните работодавачи во земјава, добивајќи ја престижната награда „Најпосакуван работодавач во категорија производство на храна“ за 2024 година од страна на порталот Vrabotuvanje.com.mk.
Ова признание е резултат на независно истражување спроведено од страна на порталот, каде што илјадници испитаници имаа можност да ги изразат своите ставови и искуства во однос на компаниите во Македонија. Според резултатите, Витаминка се издвојува како компанија која нуди стабилна работна средина, постојани можности за професионален развој, грижа за вработените и позитивна корпоративна култура.
„Витаминка се грижи за своите вработени и постојано инвестира во нив. На крај на денот финансиите не се најголемиот ресурс на ниту една компанија туку луѓето кои секој ден одбираат да се надоградат и да станат подобра верзија на себеси. Особено сме горди на ова признание, бидејќи доаѓа директно од луѓето – оние што нè познаваат, нè следат и имаат доверба во нашата работа и вредности. За нас, ова е уште една потврда дека сме на вистинскиот пат“, изјави Владимир Трпаноски, комерцијален директор во Витаминка.
Компанијата и понатаму останува посветена на создавање на стимулативна работна атмосфера и на поддршка на личниот и професионалниот раст на своите вработени. Преку постојани инвестиции во човечки ресурси и современи работни практики, Витаминка ја зацврстува својата позиција како еден од лидерите не само во прехранбената индустрија, туку и како пример за општествено одговорна и развиена организација.