Витаминка прва македонска компанија од прехрамбениот сектор која започна со имплементација на ESG системот

Витаминка започна со формална имплементација на ESG (Environmental, Social, Governance) принципите преку современата VSME рамка за репортирање, која овозможува систематски пристап кон одржлива практика, корпоративна одговорност и транспарентно управување. На денешната информативна и консултативна средба што се одржа во просториите на компанијата, беа разгледани приоритетните области од ESG доменот и беа споделени очекувањата, обврските и придобивките од одржливото работење.

Со овој чекор, компанијата ја зајакнува својата долгорочна стратегија и го потврдува континуираниот стремеж кон интегрирање на традицијата, иновацијата и квалитетот што ја обележуваат нејзината повеќедецениска работа, според Генералниот извршен директор, Сашо Наумоски.

„Процесот на воведување ESG во Витаминка не е административен чекор, туку длабинска трансформација на начинот на кој во компанијата се размислува, планира и делува. Со тоа оваа деловна обврска, станува стратешки избор кој ја потврдува нашата посветеност на одговорно и транспарентно работење. Нашата амбиција е ESG да стане дел од секојдневието, започнувајќи од одлуките во менаџментот, па до идеите што доаѓаат од нашите вработени. Тоа е нов начин на размислување што нè потсетува дека секој чекор има влијание и врз луѓето и врз животната околина. Веруваме дека со ова ќе ја зајакнеме конкурентноста на компанијата и ќе придонесеме за создавање подобра иднина за сите,“ изјави Наумоски.

ESG претставува глобално признат модел за мерење и управување со влијанието на компаниите врз животната средина, општеството и корпоративното управување. За Витаминка, ова значи надградување на процесите за намалување на влијанието врз околината, поголема грижа за вработените и заедницата, како и јакнење на транспарентноста и етичкото делување. Примената на ESG моделот ќе ѝ овозможи на компанијата поефикасно да ги следи своите резултати, да поставува јасни цели и да обезбеди повисок степен на отчетност кон сите засегнати страни.

Имплементацијата на ESG ќе се реализира етапно во следните три до пет години, при што до крајот на април 2026 година ќе биде подготвен и првиот ESG извештај. Во овој период, компанијата ќе работи на намалување на емисијата на CO₂, воведување енергетски поефикасни технологии, подобрување на управувањето со отпадот и оптимизација на транспортните процеси. Истовремено, ќе се унапредат програмите за развој на вработените, инклузивноста, родовата еднаквост и партнерството со локалната заедница. Компанијата ќе продолжи и со зајакнување на корпоративната етика, управувањето со ризици и усогласувањето со европските стандарди за одржливо корпоративно управување.

Витаминка гледа на ESG како на долгорочна трансформација што започнува одвнатре, со подигнување на свеста, подобрување на интерните процеси и градење корпоративна култура во која секоја одлука и секој чекор го земаат предвид влијанието врз луѓето и планетата. Со ова, компанијата прави значаен исчекор кон европските и глобалните стандарди за одржливост и ја зацврстува позицијата како одговорен и современ индустриски лидер.

Витаминка продолжува да гради на своите вредности на квалитет, доверба и грижа за заедницата, создавајќи основа за поодржлива иднина за сегашните и идните генерации.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.