Општата болница „Борка Талески“ доби нов оперативен стол за Одделението за офталмологија. Столот ќе придонесе за поквалитетни специјалистички услуги и интервенции за подобрување на сетилата за вид на пациентите. Оперативниот стол вреден 12 500 евра е донација на Витаминка и Прилепската пиварница. Двете компании, како многупати досега, изразија готовност за опремување на секундарната здравствена заштита. Ја подадоа раката, потврдувајќи ја хуманата димензија на стопанствениците.
Според специјалистите по офталмологија, станува збор за неопходна опрема со мултифункционални перформанси.
Двете најголеми прилепски компании се обединија во хуманиот гест да го снабдат ова одделение со нова и мултифункционална опрема и уште еднаш на дело да ја покажат својата општествена одговорност.
– Како компании и како граѓани на Прилеп треба да бидеме свесни за улогата што ја имаме во заедницата и одговорноста што ја носиме како стопански субјекти што потекнуваат, пред сé, од овој град. Доколку се раководиме од овој мотив, многу состојби може да бидат променети на подобро. Донацијата е манифестација на нашата континуирана грижа за заедницата каде работиме и потребите на нашите сограѓани – изјавија од двете компании.
Оперативниот стол е набавен од реномирана компанија, производител на специјализирана медицинска опрема и исполнува една од поголемите потреби на офталмолошкото одделение.
– Овојпат како дел од нашите активности за социјално општествена одговорност направивме донација за Општата болница. Се надеваме дека оваа наша заедничка иницијатива ќе ја следат и други компании и ќе придонесуваат за подобрување на здравствените услуги – соопштија од двете најголеми прилепски фирми.