Членовите на собраниските комисии од редовите на ВМРО ДПМНЕ и на БЕСА ги надгласаа пратениците на СДСМ и на ДУИ во комисијата за избори и именувања со која претседава Илија Димовски, а на која треба да се расправа за Програмскиот совет на МТВ и за избор на членови на Агенцијата за медиуми. Пратениците од владеачкото мнозинство побараа да се расправа само за овие две точки (тие се ставени последни на дневниот ред), а за останатите 14 расправата да се одложи за по одморите.
Но со 7 гласови против – 6 пратеници од ВМРО ДПМНЕ и еден од БЕСА предлогот беше одбиен.
Фадил Зендели – пратеникот од БЕСА кој гласаше против предлогот на СДСМ и на ДУИ за НОВА рече дека и претходно соодносот на силите во оваа комисија бил во корист на опозицијата, но дека досега се наоѓал начин комисијата да работи.
„ Нека си се договораат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ – гласав против затоа што мислам дека се важни точките од дневниот ред и не треба да се пролонгира нивното изгласување“ – рече Зендели.
Пратеникот Зендели досега ги поддржуваше предлозите на владејачката коалиција.
Ова значи дека власта практично нема повеќе мнозинство во една од најважните комисии во Собранието – на која се гласа за сите нови директори и членови на совети, агенции, а преку оваа комисија мора да поминат и сите именувања на пратеници во собраниските комисии.
Опозицијата сега инситира испразнетото место на пратеникот Весел Мемеди во комисиите да припадне на Алијансата на Албанците затоа што тој на изборите настапил на заедничка листа со партијата на Села. Доколку се прифати нивниот предлог, тогаш парламентарното мнозинство ќе го изгуби мнозинството и во законодавно- правната комисија . Изборот на нови пратеници на местото на Весел Мемеди е прва точка на дневниот ред.
Пратеникот Мемеди, кој си поднесе оставка од функцијата пратеник беше потпретседател на Собранието и член на повеќе собраниски комисии.
Инаку, бројот на пратеници – членови во собраниските комиси се одредува според бројот на пратеници кои една партија ги има во Собранието.
Пратеници од власта објаснуваат дека распоредот во некои собраниски комисии мора да се менува затоа што се сменил и бројот на пратеници на опозицијата.
„Рсапоредот на членови во собраниските комисии се правеше врз основа на резултатите од изборите – кога СДСМ имаше 51 пратеник, а ВМРО ДПМНЕ 49. Но, сега бројот на пратеници на ВМРО ДПМНЕ е 39, пратеничката група на БЕСА се преполови, а се формираше и нова Независна пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ“ коментираат пратеници од СДСМ.
Од 21 собраниска комисија ВМРО ДПМНЕ претседава со 10.
Извор: “Инфомакс”