Oткако во изминатиот период со донација од германската компанија WIK се реновираа неколку игралишта во Прилеп, и американската “ГЕНТЕРМ” се мотивираше и донираше реквизити за две детски игралишта во објектите на детските градинки “Наша иднина” во “Бончејца” и OOУ “Рампо Левката”.
-Денес официјално ги посетивме и пуштивме во употреба двете нови детски игралишта, донација од компанијата GENTHERM, за градинката „Наша Иднина“ во објектите Бончејца и Рампо Левката! Огромна благодарност до GENTHERM за нивната континуирана општествена одговорност и поддршка! Ова е уште еден значаен чекор во заедничките заложби за создавање подобри услови за нашите најмали, овозможувајќи им безбедно и креативно место за игра и развој. Создавањето квалитетни услови за раст и развој на децата е приоритет за сите нас. Токму затоа, оваа донација е повеќе од инвестиција – таа е дар за идните генерации, за нивна среќа, смеа и безгрижно детство – напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.
Еден убав гест од странските компании кои функционираат во технолошко-индустриската зона “Алинци” кај Прилеп. Нека овие потези бидат мотив плус за останатите компании со странски капитал во нашиот град. Тука секако се компаниите кои раководат со концесиите за минерални суровини и рудни богатства.
Институциите се тука да ги вршат своите надлежности и да ги решаваат приоритетите на граѓаните, но поддршката од бизнис секторот и општествената одговорност е секогаш добредојдена.