“Вие сте срам за гордите Егејски Македонци, му порача пратеникот Егеец на Бошњаковски?”

(Фејсбук статус на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков)

“Почитуван портпарол на Влада на Република Македонија,Миле Бошњаковски.
Ви се обраќам директно на Вас во име на онаа „категорија на граѓани во Р. Грција која не зборува на грчки и која говори на друг јазик“. Во ова обраќање Ви пишувам на јазикот и писмото на кое говореле и говорат тие луѓе, македонскиот јазик и кирилското писмо.

Тие луѓе таму, господине Бошњаковски, се Македонци. Угнетувани, протерувани, затворани, убивани, но сеуште се живи. Жива им е македонската душа, македонските обичаи, македонскиот јазик. Кошкајте ги, корнете ги, игнорирајте ги, нема да изгинат. Сме потерувале, сме оживувале, ништо не не’ ништи, па дури и власт која се откажува од нас. Ние сме пирејот на Петре М. Андреевски.

Ние сме наследниците на делегатите на АСНОМ, Димитар Влахов, публицист од Кукуш , Васил Атанасков Ивановски, работник од Костур и Димитри Манџовски, земјоделец од Костур.
Ние сме наследниците на луѓето кои ја создадоа македонската држава и го воведоа македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава.

По туѓа волја Вие сега вие се откажувате од нас, велејќи дека за Вас сме „одредена категорија на граѓани“. Се откажавте од својот народ, господине Бошњаковски. Ги погазивте Македонците, ги оставивте на милост и немилост на грчката држава, ги оттурнавте како да не се дел од македонскиот народ, нација, култура.

А, ветивте дека дека со Преспанскиот договор ќе го забетонирате идентитетот. Забетониравте господине Бошњаковски, но овојпат сами себе се забетониравте. Од овде може само да тоните во вашите политички кариери со вашите сопартијци.

Македонскиот народ не заборава, трпел и преживеал се’, па ќе ве истрпиме и вас како најодродената власт. Вие сте срам за Македонија. Вие сте срам за гордите Егејски Македонци”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.