(ВИДЕО) Сè е подготвено за кралскиот пречек на Трамп во Велика Британија

Американскиот претседателски авион синоќа слета на аеродромот во Лондон, „Стенстед“, кратко по 21 часот по локално време. Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија потоа се качија на хеликоптер за да отпатуваат до резиденцијата на американскиот амбасадор.

Американскиот претседателски пар е поканет од кралот Чарлс Трети и, како што е протоколот за секоја официјална државна посета, ќе биде угостен во замокот Виндзор.

Официјалната церемонија на пречек на двојката Трамп ќе се одржи денеска, во замокот Виндзор. Ќе ги чекаат кралот Чарлс и кралицата Камила, како и принцот и принцезата од Велс. Церемонијата ќе вклучува поздрав со топови, поворка со кочии и воени почести од вооружените сили на Обединетото Кралство, а се очекува претседателот Трамп да ја поздрави почесната гарда.

Попладне, американскиот претседателски пар ќе положи венец на гробот на кралицата Елизабета II во капелата Сент Џорџ во замокот Виндзор. Вечерта, кралот Чарлс ќе приреди државна вечера во нивна чест.

Во четврток, претседателот Трамп ќе отпатува во Чекерс, летна резиденција на британскиот премиер. Таму ќе има билатерални разговори со британскиот премиер Кир Стармер. Се очекува двајцата лидери да разговараат за прашања од заеднички интерес, како што се трговијата, одбраната и безбедноста, како и за меѓународни прашања, како што се ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток.

Во услови на сериозни меѓународни кризи, како што се соборувањето на руските беспилотни летала во Полска, непопустливиот став на Русија, како што го карактеризираат аналитичарите, убиството на Чарли Кирк во САД кое загрижува многумина, подемот на крајната десница на меѓународно ниво, но и за економско – политичката криза што ја мачи Франција, која создава сериозни проблеми низ целата еврозона, посетата на Трамп на Велика Британија е карактеризирана како исклучително важна од многу аналитичари.

Впрочем, Обединетото Кралство и САД ќе потпишат договор насочен кон забрзување на развојот на нуклеарната енергија, што од една страна се очекува да создаде енергетска безбедност, а од друга страна илјадници нови работни места.

На маргините на разговорите, двајцата лидери ќе ги видат архивите на Винстон Черчил, додека подоцна ќе учествуваат на бизнис-настан со министерот за финансии, пред да одржат заедничка прес-конференција.

Во исто време, Меланија Трамп ќе учествува во посебна програма со кралицата Камила и принцезата од Велс. Ова вклучува посета на Кралската библиотека и Фрогмор Гарденс. Посетата на американскиот претседателски пар ќе заврши во четврток попладне.

Вреди да се напомене дека ова е прв пат во историјата на Обединетото Кралство лидер на една земја двапати да добие официјална покана од палатата, нешто што Доналд Трамп го опиша како „огромна чест“.

Американскиот претседател го посети Обединетото Кралство во 2019 година, за време на неговиот прв мандат, тогаш на покана на кралицата Елизабета.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.