(ВИДЕО) Над 600 граѓани, меѓу кои најголем број млади, го искористија бесплатниот превоз до скијачките терени на Пелистер

Над 600 граѓани, меѓу кои најголем број млади лица кои се на зимски распуст, го искористија бесплатниот превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, организиран од страна на Општина Битола во соработка со ЈП Пелалинк.

Утре, 17.01.2025 е последниот ден од реализацијата на оваа еднонеделна активност, која со голем интерес беше прифатена од страна на граѓаните, а за која младите со позитивни впечатоци, раскажуваа за време на денешната посета на градоначалникот Тони Коњановски, на скијачкиот центар Нижеполе.

„Општина Битола во соработка со ЈП Пелалинк, ЈП „Стрежево“, со Хотелот „Молика“, со поддршка и на приватниот сектор „МИГ Травел“, организиравме бесплатен превоз за сите оние кои сакаат да уживаат во снежната белина. Над 350 посетители во Ски центарот „Нижеполе“ и над 250 кај Хотелот „Молика“ и на Копанки, уживаа во овие настани, дел од зимскиот распуст. Се надевам дека и наредните години, но и за време на летниот распуст ќе ги продолжиме овие активности, зошто за секое дете, но и за секој возрасен е добро да избега малку од градската гужва и да ужива во овие пространства. Благодарам на сите кои ја помогнаа и поддржаа активноста, а посебно им благодарам на граѓаните што ја прифатија активноста и се надевам дека уште многу вакви убави моменти ќе имаме заедно“, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Ваквиот начин на функционирање создаде можност за сите вљубеници во зимските спортови, но и за оние кои сакаат зимски прошетки во чиста и убава природа, без дополнителен трошок и без потешкотии за организирање на превоз, да стигнат до скијачките центри и да уживаат во снежните убавини на Нижеполе и Копанки. Од друга страна на овој начин се зајакнува љубовта на младите кон природата, но и нивната одговорност. Градоначалникот Коњановски, најави дека општината и во понатамошниот период ќе ги разгледа можностите за почеста реализација на вакви активности.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.