(ВИДЕО) Кавадарци станува најсовремен и најбезбеден град во Македонија

Поголема безбедност на возачите и на пешаците, но и намалување на сообраќајните „тесни грла“ каде зачестеноста на незгоди беше голема, со поставување современа сигнализација и нови патокази, се само дел од мерките кои општина Кавадарци ги презема за решавање на сообраќајниот хаос во градот. Речиси сите поголеми крстосници се решени со кружни текови, досегашните двофазни семафори се заменети со трофазни, а поставени се и нови портали, како што е случајот и на Булеварот „Никола Минчев“, инвестиција вредна околу еден милион денари – објави “АЛФА ТВ”

„Со тоа се овозможува и протокот на сообраќајот да биде побрз, а со тоа и можноста за паркирање е ослободена и да не доаѓа до конфликт во делот на сообраќајот и застој во самиот сообраќај… Во идна фаза ќе работиме на сите пешачки зони каде што имаме премин на пешаци со побрзо движење на возила, да можеме да го успориме сообраќајот и пешачките зони да бидат што повидливи, особено навечер или при дожд и магла… А особено со изградбата на Обиколницата која што ќе ја започнеме наредната година и со отстранувањето на тешките товарни возила од самата градска средина, мислам дека ќе добиеме еден најбезбеден град во делот на сообраќајот и сообраќајните решенија“ – изјави Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци.

Во сите овие активности се вклучени и сите други надлежни чинители, полицијата, сообраќајниот општински инспекторат и други.

„Исто така, изготвени се сообраќајни проекти на сите локални патишта кои водат до нашите села, вкупно 15. Половина од нив имаат и сообраќајни знаци, а на дел од нив поставена е и заштитна еластична ограда, сè со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот. Во самиот град, во поголем дел се докомплетира со сообраќајни знаци, така што слободно може да се каже дека нема оддалечена сообраќајна крстосница во градот каде што нема поставено сообраќајни знаци за регулирање на сообраќајот“ – кажа Драган Рамов, раководител на Одделението за инспекциски сообраќаен надзор при ЛС Кавадарци.

Инаку, општина Кавадарци е една од општините со најголем број современи кружни текови и прегледно означени булевари. Дел од нив се финансирани со општински средства, дел со донации од општествено-одговорни компании, а во последно време и како општински проекти финансирани од Владата со пари од унгарскиот кредит.

Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.