На вчерашниот референдум народот го отфрли Преспанскиот договор. Со негласање, народот јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус.Тивкото мнозинство одлучи. Бојкотот е гласот на оние кои се потценети и не се слушнати, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во денешното обраќање по вчера спроведениот референдум.
Иванов рече дека пораката од народот е испратена до оние кои мора да ја слушнат. Реалноста е, оцени Иванов, дека референдумот не успеа.
-Не се обидувајте да ја измените оваа реалност. Не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. Не може да се зборува за волја на мнозинство во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа, рече претседателот Иванов.
-Колку и да извртувате, не можете да ја промените реалноста. А реалноста е дека референдумот е неуспешен. Време е за одговорност пред македонскиот народ. Поддршката за ЕУ и НАТО е колатерална штета на непопуларниот референдум. Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80% ја сведовте на само 36,9%. Ги манипулирате и нашите граѓани, а на нашите европски и евроатлантски партнери им пласирате лажни претстави и перцепции, рече македонскиот претседател во обраќањето.