Поранешниот градоначалник на општина Прилеп, Марјан Ристески, на Фејсбук објави видео на кое се прикажани голем број од парковите, зелените површини и игралишта кои беа изградени во градот за време на неговите три мандати. Тој исто така постави прашања до граѓаните, дали овие паркови се одржуваат во изминатите 4 години и дали е изградено нешто ново?
“За 12 години се изградија и реконструираа најубавите и најсредени паркови со модерна урбана опрема, фонтани и водени површини, детски и спортски игралишта, осветлување…
Секој парк доби бунар со технолошка вода за полевање, а парковите беа зелени и одржувани во текот на целата година.
Да се потсетиме кои паркови беа изградени и реконструирани во претходниот период: МОГИЛАТА НА НЕПОБЕДЕНИТЕ – „Паркот на револуцијата“ (најголемиот и најубав парк) – амблем на градот… претходно комплетно запуштен, претворен во депонија и градежен шут; Парковските површини на централните плоштади (претходно исто така запуштени и несредени):„Александрија“; „Методија А. Ченто“; „Градски Саат“.
Парковските површини околу зградите на бул. „Г. Делчев“ во близина на споменик „Прилепски Бранители“ (претходно никогаш несредени);
3елениот парковски појас на улица „5-та Прилепска бригада“- се изгради најдолгиот парк во градот, приближно 1 км. должина, кој даде нов авениски лик на улицата;
Се изгради и огромниот парк во населба „Точила“ – од ѓубриште и скелина за тутун, денес едно од најпосетуваните места во градот;
Прекрасниот парк „Кај Судот“ – од мрачно и запуштено место прерасна во вистинска оаза во центаралното градско подрачје;
Парковските површини помеѓу сите згради и средишни жардињери (зелен појас) на главната улица во населбата „Димо Наредникот“ – донесоа нов урбан лик на оваа населба зголемувајќи ја вредноста на становите на сопствениците;
Парковските површини околу зградите во населба „Точила“ и средишниот зелен појас на улица „Самоилова“ во голема мера го подобрија урбаниот лик во најголемата населба во градот;
Паркот и зелените површини околу зградите во населба „Ѓогдере“;
Парковските површини во населба „Бончејца“ (помеѓу зградите);
Зелените тротоарни површини на улица „Мирче Ацев”…и многу други маалски паркови и други зелени површини низ градот и училишните дворови…
Или вкупно, во градот за 12 години беа изградени и реконструирани вкупно 200.000 м² парковски површини или во просек 17.000 м² нови зелени површини годишно… односно за 12 години секој жител во Прилеп (70.000), добил 3 м² нова парковска површина…
И за крај неколку прашања до Прилепчани: Дали парковите низ градот се одржуваат на задоволително ниво? Каде ќе беше Прилеп ако и сегашнава Локална власт продолжеше со ова темпо на раззеленување на градот? Дали се сеќавате на некој нов парк во градот изминативе неколку години?