Ненадејно, синоќа во Англија, во местото Кентбери на 66 годишна возраст почина познатиот македонски драматург Горан Стефановски.
Автор е на незаборавните драми „Диво месо“, „Лет во место”, „Дупло дно”, „Тетовирани души”, „Огнени јазици“, „Јане Задрогаз“, „Хај-фај“, како и на легендарната тв-серија „Бушава азбука“, која ја создаде со Слободан Унковски.
Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2004 година е и член на Македонската академија на науките и уметностите.
Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ја предава историјата на македонскиот народ, преку сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Ќе остане и запаметен по репликите од „Дупло дно: „Јас сум народот! Од денеска ќе се застапувам сам.“, но и по онаа од „Тетовирани души”: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“
Горан е брат на гитаристот Влатко Стефановски.
Видеото во продолжение е исечок од драмата “Диво Месо” која е едно од најпознатите дела на Стефановски: