Вечното почивалиште на легендарниот македонски војвода Јордан Пиперката: Посетете го селото во кое секој камен има своја историја (Фото галерија)

Кога ќе се спомене демирхисарското село Велмевци првата асоцијација за ова село е големиот македонски војвода Јордан Пиперката.

Иако не потекнува од ова тука негова желба била вечно почивалиште да му биде планината над Велмевци. Така на ридот викан “Черешна” се наоѓа гробот на овој легендарен борци за ослободување од османлиското ропство, заедно со тројца негови соборци. Првиот споменик за војводата Пиперката е изграден во 1943 година токму од фурнаџии од Велмевци кои биле многу активни на ова подрачје и од тука излегувале најпознатите фурнаџии во цела Македонија, но и надалеку низ светот, а селото станало познато како село на фурнаџиите.

Селото некогаш имало 2.500 жители, но со миграцијата село град се испразнило. Сега има околу 25 жители. Жителите раскажуваат дека фурнаџиите од Велмевци се раселиле низ цел свет, добро се покажале во занаетот и добро заработувале, а со парите се вратиле во стариот крај и изградиле големи куќи по европски терк. Некои до тие куќи се зачувани до ден денес.

Демирхисарскиот регион е познат по своите природни убавини, свежиот воздух, дебелите сенки и мирисот на шумата.

Велмевци е едно од 34-те живи села во Демирхисарскиот регион сместено на 25 километри од Демир Хисар. Селото се наоѓа во падините на преубавата Илинска планина, а покрај историската приказна за војводата Јордан Пиперката, за ова село е поврзана и легендата за првата фудбалска топка во Македонија.

Наводно некој иселеник кој работел како фурнаџија на запад се вратил во Велмевци и ја донесол првата дотогаш фудбалска топка, а потоа се формирале двата фудбалски клуба Горномаалци и Долномаалци. Потоа се формирал фудбалскиот клуб Славија.

Маркукуле беше во посета на Велмевци,а во продолжение ви откриваме дел од убавините на овој предел на Македонија кој за жал е пред исчезнување.

Стигнувате во селото, а тука ве пречекуваат автентичните стари македонски куќи. На ширинката средсело е сместена месната заедница и неколку мештани кои секогаш се расположени да ви раскажат за историјата на селото и да ви покажат се она што е интересно за ова село.

Токму и така беше и во нашиот случај. По разговорот со селаните се упативме кон ридот каде се наоѓа вечното почивалиште на легендарниот војвода Јордан Пиперката.

Низ дебелата и живописна дабова шума има патокази кои ќе ве упатат до вистинското место. Доаѓаме до ридот, а таму се наоѓа споменикот на војводата и уште на четири други борци кои загинале заедно со него.

Запаливме свеќа пред неговото дело и си спомнавме за неговата жртва и неговите херојски подвизи во борбата за слободна Македонија.

Водејќи се по патоказите стигнавме и до едно излетничко место каде се наоѓа и мал параклис посветен на Св. Марена. Поседивме и уживавме во чистиот воздух и се замивме од чешмата со вода.

Пред да се вратиме на средсело наидовме на уште едно интересно место. Се работи за параклис посветен на Св. Илија, каде има и така наречена “женска вода”. Според она што го пишува водата лекува и помага за тироидната жлезда и плодност.

“Жените да го остават дарот, крпата или маицата на иконата и да се помолат на Св. Илија гласно, не со шепотење, исто како на доктор да зборуваат со зборовите: “Дојдов да ми помогниш, дар ти дарувам за и ти да ме даруваш со пород дете” и да се измијат од водата на челото, под пазувите, стомакот, т.е. јајниците и матката, и да си наполнат вода за дома, и на крај да си запалат свеќа”, пишува на таблата.

Малку подолу има уште една табла, а под неа клупа. На таблата пишува:

“Kлупата е за мажите да почекаат и доколку има повеќе жени, истите да одат една по една со цел да не си сметаат. Мажот и жената да се откажат од цигарите. Жените кои доаѓаат да бидат чисти, без кармини, накит, шминка, парфем, лакирани нокти и да носат дар црвена крпа или женска маица”.

Велмевци е живописно македонско село кое вреди и мора да се посети. Тука секој камен има своја историја, секој здив е бесценет, а секој миг исполнува.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.