Вечерна прилепска убавина: Xpaмот Св. Благовештение изгледа волшебно во ноќта (Фото галерија)

Црквата Свето Благовештение во Прилеп, или кај народот позната како Стара Црква го врати стариот автентичен лик на фасадата кој потекнува од 1838, односно од времето кога истата е и изградена.

Реставрацијата која започна кон крајот на минатата година неодамна е целосно завршена, а со поставените светла велелепниот храм изгледа прекрасно во ноќта.

Црквата претставува навистина едно уникатно ремек дело, како по својата градба така и по својата внатрешност, односно иконостасот кој е стар скоро 180 години и иконите кои се наоѓаат на него.

Надворешниот дел на црквата беше покриен со бела боја и малтер кој ја криеше уникатанта архитектура и стил на градба на црквата каков што имале православните храмови на овие простори уште во 16 и 17 век.

Црквата Св. Благовештение има посебна историја и е од огромно значење како за прилепчани, така и за целата држава.

Иницијативата за изградба на црквата ја покренале угледни личности, чорбаџии и занаетчии, сакајќи на прилепчани да им ја остварат вековната желба за божји храм. Голема улога за добивање документ за изградба одиграле еснафите, особено тутунскиот еснаф. Клучна била улогата на тогашниот тутунски трговец – аџи Христо Дамјанов.

Тој имал храброст да ги изнесе желбите на своите сограѓани пред османлиската власт. Познанството со Рушид-паша го искористил да го запознае султанот со желбата на прилепчани да добијат црква, во која ќе се пее и богослужи на мајчин јазик. Напишал молба до Падишахот, барајќи да се подигне црква.

Отишол во Цариград најпрво на средба со патријархот Григориј, а потоа со Рушид-паша успеал да влезе во дворецот на главниот секретар на султанот. Му одговориле дека треба да чекаат неколку месеци. Ферманот за градење на црквата бил добиен во 1835 година.

Извесна баба Мита од семејството Миџовци го дала својот имот, зашто тоа било најдобро место за градба на црквата, а сите еснафи се согласиле да дадат материјал за побрзо да се изгради божјиот храм. Биле ангажирани надалеку прочуените мајстори Коста Лауцот и Ристо Тасламиче.

Прилепчани одлучиле црквата да му биде посветена на празникот „Светото Благовештение“ зашто дотогаш во градот не пристигнала поблага и поубава вест.

Осветувањето го извршил митрополитот Пелагониски Герасим. На чинот присуствувале сите свештеници и речиси целиот град. На чело бил Аџи Поп Константин Динка, првиот архијерејски намесник во Прилеп, а сослужувале свештениците Христо Икономовски, Ангеле Смичковски, Константин Пантов и други. Црквата „Св. благовештение“ и ден денсе е духовен центар за верниците и расадник на свештеници.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.