Верниот прилепски народ до последно место ги исполни храмовите и на Третиот Акатист посветен кон Пресвета Богородица во Великиот пост (Фото галерија)

Во третиот петок од Великиот Велигденски пост во прилепските црковни храмови, се отслужи Големо повечерие на кое се читаше акатистот посветен кон Пресвета Богородица и се освети петтолебие за здравје и спасение на верниот народ.

Прилепчани до последно место ги исполнија црквите и принесоа петтолебија за здравје и спасение на себе си и своите ближни.

Мајката Црква, премудро одредила, за време на Четириесетницата (Великиот пост), која е време кога ние христијаните треба да вложиме дополнителен труд за духовно усовршување, преку особена служба, која се нарекува Акатист, ние верните да упатуваме молитви и кон Пресветата Богородица.

Црквата од векови не почучувала дека за време на нашиот краток животен век, кој е обременет со многу животни искушенија, за нас е дужеполезно да ја повикуваме за помош Мајката на нашиот Господ Исус Христос, Пресветата Богородица и да ја молиме да го моли својот Син и наш Бог, Исус Христос, да не’ запази од животните бури.

Во деновите, кога се служи овој посебен чин, Акатистот кон Пресвета Богородица (петоците), според православната традиција, верните принесуваат петтолебие од благодарност кон Бога и за здравје на нивните семејства. Меѓу народот, вообичаено се вели: „Испеј си едно петолебие за здравје“

Петолебието е кратка служба на Благодарност, преку која ја изразуваме нашата благодарност кон Бога за сите благослови во животот. Маслото, виното, пченицата и лебовите што се употребуваат во службата ги претставуваат најосновните елементи неопходни за живот. Ова благословување не’ потсетува на чудото на умножување на лебовите и рибите од страна на Христа, со кои нахранил мноштво луѓе.

Ова благословување обично се извршува за време на празнично вечерно богослужение и особено во петоците од Великиот пост.

По службата, лебовите се разделуваат меѓу присутните верници. Овој благословен леб помага против секакво зло, доколку се прима со вера.

Еве како изледаа црковните храмови во Прилеп денеска:

Црква Св. Благовештение – Стара црква

Црква Св. Петка

Црква Св. Кирил и Методиј – Параклис




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.