Ведрана во животот немала ништо друго, освен училиштето: Не сакал никој да ја посвои, а сега е пред остварување на сонот (Видео)

Ведрана Балог, иако е родена во Хрватска, на училиште започнала да оди подоцна затоа што не зборувала хрватски. Всушност не знаела да држи ниту пенкало. Социјалните служби ја одзеле од биолошките родители, па на Ведрана и’ се пружила прилика, а таа ја зграбила и не ја испуштила. Денеска таа е млада девојка на која многумина се восхитуваат. Вака започнува сторијата на хрватската “НОВА ТВ” за младата Ромка која имала тежок живот, а сега се наоѓа пред остварување на своите соништа.

Со денови без храна

“Имаше безброј денови кога немаше ништо за јадење и кога мојата мајка ќе ме земеше за рака и одевме од куќа до куќа да бараме нешто да ни дадат. Се’ што ми се случи мене е среќа во несреќа”, се присетува Ведрана.

Каков е тој живот во кој дефиницијата за среќа e тоа што на 6 години те одзеле од родителите и те ставиле во дом? Какво е тоа воопшто детство во кое заспиваш на ладен под и тоа гладен? Тоа се прашања на кои Ведрана не го знаела одговорот. Таа ги живеела.

Кога нешто сакаш, не може да ти биде тешко

Додека нејзините врсници уживале во летото и морето, Ведрана деновите ги поминувала учејќи за есенскиот испитен рок.

“Уште во основно знаев што ќе се запишам. Тоа е право. Тоа е мојот живот. Мислам дека во ништо друго не се гледам”, вели таа.

Кога нешто навистина сакаш, не може да ти биде тешко, вели Ведрана, па ниту казнено право, единствениот испит кој не успеала да го положи преку колоквиуми. А да го положи мора, затоа што на Ведрана никој не и’ го чува грбот.

-Морам се’ да положам во дадениот рок и едноставно морам сите 5 години да ги завршам навреме за да успеам. Во случај да паднам година, јас губам се’, објаснува таа.

Ведрана добила стипендија од Ротари клубот, а добива и надомест од државата како дете од дом. Тоа и’ се единствените извори на сигурни пари.

Но, како дошла до сето тоа?

Наместо во прво одделение, Ведрана дошла во домот од своето ромско семејство од Ѓурѓевац. Не зборувала хрватски јазик, па на училиште тргнала една година подоцна. Се селела по домови, но признава, секогаш и’ било подобро отколку дома. Празнината, сепак се’ уште постоела.

“Само да ја почувствувам таа нивна љубов. Мене тоа најмногу ми фалеше, како и таа борба за твоето дете, да сакаш да го видиш. Јас поминав 10 години во дом. Тие ме посетија само два или три пати”, вели оваа млада девојка за своите биолошки родители.

Никогаш не била посвоена. Престара, Ромка и со тоа многу тешко било некој да ја посвои. Со неполни 17 години од домот се сели во згрижувачко семејство. Таму поминала само неколку месеци.

На само неколку километри живеело нејзиното биолошко семејство.

“Мене тоа ме убиваше, затоа што чувствував вина, бидејќи моите немаат што да јадат, а јас имав се’ што сакам”, се потсетува Ведрана.

Да останела со своето семејство сигурно ќе била омажена, мајка на неколку деца. За училиште и факултет никогаш не би размислувала. И тоа е она што ја прогонува. Тоа е она што за неа домот е најголема животна среќа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.