Вака се вреднуваат хероите! За борбата со пожарите, секој пожарникар во Битола ќе добие по 15.000 денари

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска ги посети пожарникарите од ТППЕ Битола, заблагодарувајќи им се за нивната посветеност и максимална ангажираност во справувањето со пожарите кои започнувајќи од 15.07 скоро цел месец беснееја на повеќе локации во Општина Битола, но и на други места кои се во надлежност на територијалната единица од Битола.

Коњановски нагласи дека, на седницата на Советот во понеделник ќе поднесе иницијатива за награда во висина од по 15.000 денари за секој од 40 те вработени во ТППЕ Битола, за што по усвојувањето на иницијативата од советниците ќе се обезбедат средства со ребалансот на Буџетот на општина Битола.

Заменик командирот, Горан Димковски и вработените во ТППЕ Битола, изразија благодарност за ваквиот начин со кој дополнително се вреднува нивното организирано, координирано, професионално и навремено делување, со што беа спречени катастрофите кои и се закануваа на Битола.

Од страна на пожарникарите беше нагласено дека наградата е значаен мотивирачки фактор за нивното несебично вложување, а професионализмот кај сите вработени во ТППЕ Битола продолжува да биде на високо ниво, затоа што нивните интервенции покрај работни обврски се и љубов кон градот и неговата околина.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.