Софија Куновска поднесе оставка од местото претседател на Градската организација на СДСМ незадоволна од листите за кандидати на пратеници, објави порталот САКАМДАКАЖАМ.МК повикувајќи се на извори во партијата.
Како што пренесува порталот, Куновска реагирала на поставувањето на Лилјана Поповска, лидерката на ДОМ со прашањето:
„Како е можно таа што беше втора зад Груевски на листата на режимот од 2014 денес да е на шесто место на листата што треба да го урива режимот“.
Куновска во 2014 година беше втора на листата на СДСМ во првата изборна единица, а на овие избори не е на ниту една листа. Куновска прашала и како е можно луѓетo што во 2014 година убедуваа дека се сигурни во победата и затоа не беа на листите, сега да се најдат на добитни места на избирачкитe листи.
Незадоволството од изборните листи на Заев денеска јавно го искажаа низа поддржувачи на опозицијата. Меѓу последните е универзитетската професорка Билјана Ванковска, која пишува дека СДСМ излегува со хокус-покус листи.