Бугарите конечно наидоа на тврд орев во Македонија, па бараат Николоски да се прогласи за непожелен во Бугарија

Претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС), Делјан Пеевски, смета дека доколку во Бугарија има соодветни државни институции и служби, вицепремиерот и министер за транспорт во македонската Влада, Александар Николоски веднаш треба да биде прогласен за персона нон грата во неговата земја.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, според Пеевски, „тоа е најмалку што треба да се направи по систематското сеење омраза кон Бугарија и бугарскиот народ“.

-Дрскоста и ароганцијата во однос на Бугарија, нејзините демократски избрани институции, демонстрирана од проруската влада на Мицкоски е јасно одговор на категоричната евроатлантска позиција на нашата земја. Инсистираме на итни мерки како одговор на провокациите, кои треба да бидат конзистентни и категорични, изјавил Пеевски.

Лидерот на партијата оценува дека „проблемот веќе не може да се реши со едно формално извинување“.

Oд друга страна Николоски деновиве жестоко се обрати кон политичарите од Бугарија кои бараат негова оставка.

„Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизии. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми е што добрите односи помеѓу двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот, ги уништуваат корумпирани политичари кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза. И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот претседател”, рече Николоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.