Членовите на боречкиот клуб „7-ми Мај“ од Прилеп, кои имаат освоено медали на меѓународни турнири, остварија средба со градоначалникот Марјан Ристески, кој, патем е голем поддржувач на спортот. На средбата со првиот човек на градот се најдоа борачите: Стефан Стојчески, Катерина Мирческа,Теодор Темелкоски, Леонид Каратошески, Барбара Стојкоска, како и Маја Дејкоска, која неодaмна го освои бронзениот медал на 31-то “Светско армиско првенство” во борење, бранејќи ги боите на Република Македонија и на Армијата на Република Македонија.
Таа настапи во слободен стил во категорија до 58 килограми и ги пренесе своите импресии од настанот, како и од многубројните учевства на боречките турнири, но ги презентира и своите планови за во иднина, поврзани со овој витешки спорт, борењето.
Градоначалникот на Прилеп при оваа средба со спортистите – борачи, уште еднаш ја потенцира важноста младите да спортуваат и рекреираат, а услов за постигнување на врвни спортски резултати покрај талентот, упорноста, постојаното вежбање и надоградување, е и постоење на терени и спортски сали во кои спортистите можат беспрекорно да тренираат.
“На тој план локалната власт, заедно со Владата на Р. Македонија и Агенцијата за млади и спорт, неуморно и постојано вложува”, рече градоначалникот Марјан Ристески, пред младите спортисти, честитајќи им ги успесите на сите нив.