Браво! Во оваа македонска општина браковите ќе се склучуваат бесплатно

Усвоена е одлуката со која младите брачни парови од Делчево во наредниот период ќе можат бесплатно да склучуваат граѓански брак. Одлуката е донесена на последната седница на Советот на Општина Делчево, во која стои дека во иднина нема да се плаќа надоместок за користење на просторијата за склучување граѓански брак.

Бракот ќе се склучува во новите простории во мултифункционалниот центар во Спомен-домот АСНОМ, а за користење на салата, заинтересираните граѓани за оваа намена е потребно да доставуваат барања до Општина Делчево од каде ќе добијат потврда за соодветниот датум и час за склучување брак кој ќе се достави до Матичната служба во Делчево, стои во одлуката која беше едногласно поддржана од делчевските советници.

Од Општината велат дека оваа одлука е оправдана, бидејќи идните брачни парови ќе се ослободат од непотребниот трошок кој досега го имаа како обврска.

Ова е еден вид поддршка за младите брачни парови, кои покрај големиот број трошоци, нема да мораат во иднина да плаќаат за нешто што долги години го имаа како финансиски товар, велат од Општината.

Со цел да се збогати свечениот амбинет при склучување граѓански брак во Делчево, за потребите на новата сала за венчавање, Општината има набавено нов инвентар (декоративна маса и столови).




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.