Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиското работење на прилепската болница “Борка Талески” за 2024 година, при што се откриени се низа нерагуларности и сомнежи за милионска проневера на средства. Извештајот на државна ревизија излезе по истрагата на Финансиската полиција и ОЈО Прилеп, при што пред извесно време приведени беа и постапки се започнати против 32 физички и правни лица.
Извештајот на Државниот ревизор покажува податоци за авансни плаќања без приложени фактури, исплата на услуги без склучување на договори на дело, милионски набавки на опрема која стои неупотребена по визби, болницата не издавала фискални сметки за здравствени услуги… и низа други неправилности кои покажуваат дека поедини лица ја третирале здравствената установа како “златна кокошка”.
Извештајот од државна ревизија во целост го пренесуваме во продолжение:
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи, заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност Прилеп за 2024 година, при што се изразени неповолни мислења во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива.
Утврдени се повеќе неправилности и слабости во работење на Болницата. Голем дел од обврските се евидентирани и платени ненавремено, селективно и без спроведени контроли, а кон поединечни добавувачи извршени се авансни плаќања без приложени фактури во износ од над 8 милиони денари. Преземени се обврски за набавка на стоки и услуги во износ од 15.700.000 илјади денари без постапка за јавна набавка, а во дел од спроведените постапки утврдивме несоодветна примена на Законот за јавни набавки.
Набавена е медицинска опрема во износ од 26.900 илјади денари без утврдена потреба, при што дел од опремата за биохемиски анализи во вредност од 14 милиони денари не е ставена во употреба, иако вработените укажале дека таа не е неопходна.
Со ревизијата се утврдени поголем број на неправилности во благајничкото работење на Болницата. Не се издадени фискални сметки за здравствени услуги во износ од 4.400.000 денари, а 5.500.000 денари примени во готовина не се уплатени на сметката на Болницата, туку се исплатени директно преку благајната, што е спротивно Законот за платежни услуги и платни системи, Средствата во готовина се користеле за исплати на физички лица без договори за дело (4,46 милиони денари), за гориво без доказ за користените возила (449 илјади денари), како и за репрезентација и други расходи без поткрепувачка документација (597 илјади денари). Иако со одлука на Управниот одбор е утврден благајнички максимум од 60 илјади денари, истиот не се почитувал, при што во одделни периоди во благајната имало и до 2,3 милиони денари наплатена партиципација.
До крајот на 2024 година установата има побарувања во износ од 20,4 милиони денари кои се постари од три години, а за кои не се преземени активности за наплата. Притоа, приближно 29% од овие побарувања се евидентирани кумулативно, без наведување на конкретен должник (правно или физичко лице), што создава неизвесност во однос на нивната реална наплатливост.
Во текот на 2024 година, во Болницата се ангажирани 131 лице по договор на дело со претходна согласност од Министерството за финансии, за што биле исплатени 41,9 милиони денари. Во повеќето договори не е наведен конкретен износ на надоместокот, а исплатите биле извршувани според Колективниот договор за здравствена дејност, кој треба да важи само за лицата во редовен работен однос. Ова укажува на неусогласеност со законската регулатива и создава можност за нерационално користење на јавните средства.
Болницата во 2024 година исплатила 3,1 милион денари за дежурства на немедицински кадар, додека за исплати од 1,8 милиони денари за прекувремена работа не е испочитувана законската процедура. Дополнително, персоналните досиеја на 34 доктори не содржат важечки лиценци, кои според систематизацијата се предуслов за редовно вршење на здравствени услуги.
За дел од трошоците во износ од 730 илјади денари кои се настанати по основ транспорт на болнички пациенти во други здравствени установи во државата не е изготвена и приложена соодветна поткрепувачка документација.
На 67 правни лица, во 2024 година, Болницата фактурирала по основ на закуп на просторот во вкупен износ од 6,74 милиони денари, при што не е пријавена и платена обврска за ДДВ во износ од 1,21 милион денари, поради тоа што Болницата не ја испочитувала законската обврска да се регистрира за обврската по ДДВ односно да добие решение за даночен обврзник по основ на ДДВ.
Исто така утврдено е дека сметководствената и материјалната евиденција на средствата не се усогласени, и не е спроведен целосен попис на средствата, обврските и побарувањата, што го отежнува проверувањето на точноста и веродостојноста на финансиските податоци. Дополнително, не е воспоставена детална евиденција на потрошокот на материјалите по пациент, бидејќи потрошокот на залихите се евидентира целосно при нивно издавање од магацинот кон потрошувачките места/организационите единици без контрола на реалната потрошувачка.
За сите идентификувани неправилности и слабости, Државниот завод за ревизија даде конкретни препораки до надлежните лица и органи за нивно отстранување и за унапредување на финансиското и материјалното работење на Болницата.
Сметаме за потребно да истакнеме дека за утврдените неправилности, незаконското користење на средства и изразениот сомнеж за незаконско работење на субјектот предмет на ревизија известени се надлежните органи поради што истите на ден 22.10.2025 година издадоа соопштение со кое информираа дека Основното јавно обвинителство – Прилеп отвори истрага против 32 физички и правни лица поради сомнение за злоупотреби во постапките за јавни набавки и јавни средства во Општата болница „Борка Талески“.
Истрагата е резултат на наодите утврдени во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој укажа на неправилности и можни злоупотреби што подоцна станаа предмет на обвинителска постапка.
























