Манастирот се наоѓа во живописната и недопрена природа на почетокот на Мариово, веднаш после превојот Слива од десната страна на патот Прилеп-Витолиште, на оддалеченост од 18 километри од Прилеп. Писокал е поранешно село кое во 1873 година имало 46 жители во 9 домаќинства, а во 1900 имало 90 жители. Селото Писокал згаснало, запрел плачот на децата, крикот на добитокот и црковната камбана, под притисокот и палежот на Турците и Србите, во почетокот од минатото столетие.
Се запретале во пепел огништата, се преселил животниот пламен и ритамот на срцата со болка во душата. Се исселиле жителите во денешното село Чумово. Според легендата, момата Илина ја изградила црквата, на денешното место, одмарајќи се од жетварската мака. По дремката, и исчезнале опинците и калците. Го побарала на помош Свети Илија, а тој на празникот, и ја вратил “рубата”. За благодарност, таа ја кренала црквата, наречена Свети Илија, а местото го крстила Писокал, по прекрасно, навезените први, калци како напишани.
Инаку, црковниот одбор вели дека црквата е обновена со дарови на населението, кое го посетува местото . Се одмора во студените сенки, по неколку дена, полнејќи ги дробовите со чист ладен воздух и активирајќи пријатни чувства на сите сетила. Кренат е конак со неколку соби, опремени за ноќевање, има трпезарија и кујна за подготовка на храна за слава за над илјада луѓе.
Одборот се жали што црквата и конакот, кои наликуваат на комплекс, немаат струја. Така понекогаш ноќе палат генератор. Божјото царство Писокал ќе ги рашири рацете да подари убавина и да освежи очи на сите добронамерници на празникот Свети Илија. Рајската красота се распослала низ зелената дабова шума под превојот Слива. Зелената ладовина на августовското сончево утро привлекува повеќе гости околу црквата. Се надеваме дека реки народ ќе го исполнат дворот. Дел од луѓето ќе се поклонат на олтарот низ свештеничката празнична литургија, ќе палат свеќи, посакуваат здравје, берикет и благодет.
Многу народ, не само родум од Писокал или Кален, или Бонче, не само од Чумово и Штавица, туку и од Прилеп и од другите краишта на Мариово, и овој втори август, и овој Илинден, се надеваме дека ќе го посети манастирот Писокал. Вечерната Литургија на 01.08 ке почне во 18 часот и 30 минути, додека денската на 02.08 во 07 часот и 30 минути. Потоа ќе екни песна од групата “Соната Бенд”, вечерта на 01.08.2016, додека дента на 02.08.2016 година гостите ќе ги забавува групата “Балканика бенд”.