Божиновска: Цените на горивата остануваат стабилни, обезбеден дополнителен попуст за дизел

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека преземените мерки од страна на Владата, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати – цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.

Во таа насока, ОКТА ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април. Како дел од ова продолжување, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар, обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот.

Oвој чекор доаѓа како резултат на континуираната комуникација и координација помеѓу Министерството и компаниите, со јасна цел – дел од олеснувањата да се пренесат директно кон граѓаните и стопанството. Ова претставува потврда дека активната улога на државата дава резултати и дека преку партнерство со компаниите може да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и стопанството.

Истовремено, клучна улога во стабилизирањето на цените има и владината мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, која обезбеди директно намалување на цените за 6 до 7 денари по литар и спречи дополнителен ценовен шок.

Со оваа комбинирана интервенција:

• спречен е значителен раст на цените на горивата

• обезбедена е стабилност на пазарот

• заштитен е животниот стандард на граѓаните

• намален е притисокот врз транспортот и економијата




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.