Битолската гимназија “Јосип Броз Тито” одбележа 80 години постоење – На церемонијата присутна беше и претседателката Силјановска Давкова (ФОТО)

Со Свечена академија која се одржа во Центарот за култура, Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, одбележа „80 години настава на современ македонски јазик“. На настанот, на кој присуствуваа голем број гости, плакети за особен придонес во развојот на современиот македонски јазик им беа доделени на Претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, градоначалникот Тони Коњановски, Научната советничка во институтот за македонски јазик, проф. Др Веселинка Лаброска, на Aкадемик и претседател на МАНУ, проф.др Живко Попов и Академик проф. Др. Владо Камбовски.

Во своето обраќање пред присутните, претседателката Сиљановска Давкова, нагласи дека, мораме да си го сакаме, негуваме и чуваме македонскиот јазик, затоа што така ќе го сочуваме нашиот заеднички дом, Македонија.

„Македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се неразделен квартет. Каква моќна меморија и порака има оваа гимназија. На првиот час се рецитирале Миладинов и Рацин на мајчин јазик, на македонски според стандардите што ги пропишал нашиот значаен, најзначаен лингивист и македонист Блаже Конески. Како претседателка и долгодишна професорка, како некоја која својот живот го посветила на образованието, горда сум на вашите достигнувања. Вие сте вреден и посветен колектив на даскали во најубавата смисла на зборот. Успесите што ги споменав се потврдени со бројни и значајни одликувања, награди и признанија. 80 години се зад нас, но пред нас се нови столетија“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека овие денови, кога накратко, ретроспективно со серија настани поминуваме низ времето зад нас, со највисоки суперлативи можеме да дадеме признание на секој поединец кој се образувал и работел во Гимназијата „Јосип Броз Тито“, затоа што заложбите за напредок на институцијата никогаш не замреле, напротив, од година во година, станувале се поголеми, а континуираниот успех и денес создава млади и успешни личности, со големи достигнувања во различни области.

„Темелите на успехот се создаваат само со добро знаење, познавање на сопствениот идентитет, јазик, култура, традиција. Знаењето за нашата богата македонска историја е токму она што ги гради нашите човечки вредности, не поучува, обврзува и насочува кон нашиот придонес, како академски граѓани и градители на татковината.

Битола е град кој во себе сочувал големо културно – историско наследство, а Гимназијата „Јосип Броз Тито“ е меѓу најважните институции во нашиот град, затоа што токму оваа воспитно – образована институција, е една од првите гимназии во Македонија, во која на денешен ден, пред точно 80 години започна да се изведува настава на македонски јазик. Низ годините низ училишните клупи на ова училиште поминале генерации успешни луѓе, лекари, архитекти, инженери, професори, уметници, научници кои негувајќи ги сопствените јазични вредности, едуцирајќи се и образувајќи ги новите генерации станале вистински промотори на Битола и Македонија, насекаде низ светот.

Во основа на сите стекнати знаења, лежи моќта на јазичното изразување кое создава соодветна нарација, го открива непознатото и ги креира убавините кои треба да бидат дел од нашето опкружување. Горди на постигнатите успеси, продолжуваме да бидеме афирматори и промотори на нашиот македонски јазик, кој ни овозможил да започнеме да ги разбираме промените околу нас, но и да бидеме иницијатори на нови позитивни промени.

Одбележувањето на еден ваков јубилеј, истовремено ги сублимира впечатоците на многу генерации, потсетува на личниот печат кој секој вработен го оставил во институцијата, посебно подеднакво истакнувајќи ја важноста и на формалното и на неформалното образование“, рече градоначалникот Коњановски, потенцирајќи дека успесите на младите луѓе, продолжуваат да ги негуваат идентитетските карактеристики, да ја градат иднината на нашата татковина, на нашиот град и да ја креираат визијата за прогресивност и успешност.

Директорката на Гимназијата, Лидија Споа, истакна дека училиштето останува столб на заедницата место каде се гради иднината, се почитува минатото и се остава простор за нови идеи и перспективи.

„80 години успех се доказ за нејзината важност и трајност како центар на знаењето, културата и духовното богатство. Оваа гимназија е повеќе од образовна институција. Угледот и успесите на Гимназијата ги потврдува фактот што тука завршиле осумнаесет академици од МАНУ, шест народни херои, градоначалници, ректори, декани, конзули, познати лекари, архитекти, јазичари, правници, уметници, економисти спортисти. Гимназијата е симбол на борбата за културна сувереност и е место каде иднината се проектира низ призмата за сегашноста“, рече меѓудругото директорката Споа.

На Свечената академија, беше изведена претставата насловена „Експериментум Македоникум“, подготвена под менторство на професорките по македонски јазик Даниела Петровска и Симона Петровска, а во истата учествуваа ученици од сите четири години во Гимназијата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.